„ПОРТИТЕ НА ПЕКОЛОТ ЌЕ СЕ ОТВОРАТ ВРЗ ГЛАВИТЕ НА УБИЈЦИТЕ ОД ХАМАС“ Кац се закани дека градот Газа ќе биде срамнет со земја ако не се исполнат барањата на Израел
Израелскиот министер за одбрана, Израел Кац, предупреди дека градот Газа може да го снајде истата судбина што ги снајде Рафах и Беит Ханун, палестински населби што беа речиси целосно уништени во израелските операции.
Израелскиот министер за одбрана, Израел Кац, изјави дека Градот Газа ќе биде срамнет со земја ако Хамас не ги прифати условите на Израел за крај на војната, ослободување на сите заложници и разоружување на милитантната група, објави Би-Би-Си.
Неговата изјава доаѓа откако израелската влада одобри планови за масовен напад врз Газа и покрај широката меѓународна и домашна осуда.
„Наскоро, портите на пеколот ќе се отворат врз главите на убијците и силувачите од Хамас во Газа, сè додека не ги прифатат израелските услови: разоружување и целосно ослободување на сите заложници. Ако не се согласат, Газа, престолнината на Хамас, ќе ја снајде судбината на Рафах и Беит Ханун“, напиша тој.
Двете споменати палестински населби беа практично срамнети со земја во израелските операции.
„Крај на војната под услови прифатливи за Израел“
Во понеделникот, Хамас прифати предлог на катарските и египетските посредници за 60-дневен прекин на огнот, според кој, според Катар, би се ослободила половина од преостанатите заложници во Газа.
Но, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го одби овој предлог, велејќи дека наредил да започнат преговори за ослободување на сите преостанати заложници и за крај на војната под услови прифатливи за Израел.
Израел верува дека од вкупно 50 заложници, само 20 сè уште се живи по 22 месеци војна.
Израелските медиуми, повикувајќи се на владини извори, јавуваат дека израелски преговарачи ќе бидат испратени на нова рунда разговори веднаш штом се одреди локацијата.
Во видео изјава, дадена при посета на штабот на дивизијата Газа во четвртокот навечер, Нетанјаху рече:
– Наредив веднаш да започнат преговори за ослободување на сите наши заложници. Доаѓам овде да ги одобрам плановите на израелската армија за преземање на контролата врз Газа и за пораз на Хамас. Овие две цели, поразот на Хамас и ослободувањето на заложниците, одат рака под рака.
Израелската војска ги предупреди властите да се спремат за евакуација
Израелската армија ги предупреди здравствените власти и меѓународните организации да се подготват за евакуација на целото население од 1 милион жители во Газа, пред почетокот на копнената офанзива.
Министерството за здравство на Хамас ја отфрли евакуацијата и оцени дека тоа дополнително ќе го уништи она што останало од здравствениот систем.
Обединетите нации предупредија дека постојаните напади и „немилосрдното бомбардирање“ во Газа предизвикуваат „голем број цивилни жртви и масовно уништување“. ОН и хуманитарните организации најавија дека ќе останат на терен да им помогнат на оние кои не можат или не сакаат да се евакуираат.
Израелската влада најави целосна контрола врз Појасот Газа откако претходните индиректни преговори со Хамас за прекин на огнот и размена на заложници пропаднаа.
Израелската воена офанзива започна по нападот на Хамас на јужен Израел на 7 октомври 2023 година, кога беа убиени околу 1.200 луѓе, а 251 беа земени како заложници.
Според Министерството за здравство во Газа, досега се убиени најмалку 62.192 луѓе – бројка што ја цитираат УН и други како најверодостоен извор на податоци за жртви.