ПОРАДИ ЕДНА ЧЛЕНКА МАКЕДОНИЈА НЕ МОЖЕ ДА ОТВОРИ НИТУ ЕДНО ПОГЛАВЈЕ Словенија се залага поглавјата да се отвораат со квалификувано мнозинство

Словенија е иницијатор и дел од групата од 15 земји членки кои предлагаат отворањето на посебни преговарачки поглавја за земјите кандидати да се одвива со квалификувано мнозинство, додека конечната одлука за прием во Европската Унија и понатаму би останала предмет на консензус меѓу земјите членки.

1

Словенечката претседателката Наташа Пирц Мусар денеска, по средбата со македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова, порача дека Словенија останува цврст поддржувач на европската интеграција на Северна Македонија, како и дека ќе продолжи активно да се залага за забрзување на пристапниот процес на земјите од Западен Балкан во ЕУ.

На заедничка прес-конференција, Пирц Мусар одговори на новинарско прашање поврзано со иницијативата во Европската Унија дел од одлуките да се носат со квалификувано мнозинство, наместо со консензус. Таа објасни дека Словенија е иницијатор и дел од групата од 15 земји членки кои предлагаат отворањето на посебни преговарачки поглавја за земјите кандидати да се одвива со квалификувано мнозинство, додека конечната одлука за прием во Европската Унија и понатаму би останала предмет на консензус меѓу земјите членки.






Пирц Мусар осочи дека повеќепати кажала дека на државите-аспиранти им наложуваат огромна работа за да се прилагодат на правото на Европската Унија.

– На државите кандидатки им наметнуваме огромен товар за усогласување со европското законодавство. Кога Словенија влезе во Европската Унија во 2004 година, требаше да усогласиме околу 80.000 страници од европското законодавство, а денес земјите кандидати мора да усогласат околу 95.000 страници. Истовремено, премалку се прашуваме што може да направи Европската Унија за процесот да биде побрз и поефикасен – истакна Пирц Мусар.

Според неа, сегашниот модел овозможува билатерални прашања и политички блокади да го попречуваат процесот на проширување.

– Денес Северна Македонија е во ситуација поради една земја членка да не може да отвори ниту едно поглавје. Тоа едноставно не е коректно и не е фер кон држава која сака да стане дел од Европската Унија – нагласи словенечката претседателка.

Таа додаде дека Словенија и натаму ќе дејствува во рамки на групата земји кои се залагаат за квалификувано мнозинство при отворањето на поглавјата и изрази надеж дека Европската Унија ќе ја препознае потребата од поефикасен процес на проширување.

Пирц Мусар оцени дека европската интеграција на Западен Балкан е клучна за мирот и стабилноста во регионот, но и за стабилноста на самата Европска Унија.

– Европската Унија пред сѐ е мировен проект. Новите членки носат стабилност и мир во регионот. За Западен Балкан, членството во Европската Унија мора да биде единствениот вистински пат кон стабилност – рече таа.

Македонската претседателка Сиљановска Давкова во својот одговор посочи дека на Балканот веќе постојат примери на регионална поддршка каква што постои меѓу скандинавските земји. Таа потсети на поддршката што Шведска, Финска и Норвешка им ја давале на балтичките држави во процесот на евроинтеграција и оцени дека сличен пример на Балканот е токму Словенија.

– Ако не сме спремни да го разбереме соседот во регионот и да го поддржиме, како може да очекуваме разбирање и поддршка во Брисел? Мислам дека тоа е логично и природно – истакна Сиљановска Давкова.

Таа ја поздрави словенечката поддршка за македонските евроинтеграции и оцени дека регионалната солидарност е неопходна за побрз напредок на земјите од Западен Балкан кон Европската Унија.

Поврзани содржини