ПОНИСКИТЕ ОДДЕЛЕНИЈА ПОВТОРНО БЕЗ УЧЕБНИЦИ Само третодделенците ќе ја почнат годината со сите учебници
Бирото за развој на образованието има подготвено соодветни наставни материјали за овие ученици од кои тие ќе учат на почетокот на учебната година.
Поради измени на наставните програми учениците од прво до петто одделение, со исклучок на тие од трето одделение, ќе ја почнат учебната година без учебници. Учебната година треба да почне в четврток за околу 255 илјади основци и средношколци.
За учениците од второ и од петто одделение има нови наставни програми според Концепцијата за основно образование која од лани се спроведува етапно. За овие ученици, како и за тие од прво и четврто одделение, учебниците ќе доцнат поради измената на наставните програми кои се во различни фази на одобрување. Тоа значи дека четири генерации деца од пониските одделенија ќе останат без учебници, односно учебници ќе има само за учениците од трето одделение.
Министерството за образование наука соопшти дека за да се задржи континуитетот, заедно со Бирото за развој на образованието, има подготвено соодветни наставни материјали за овие ученици од кои тие ќе учат на почетокот на учебната година.
За останатите одделенија, за кои важат старите наставни програми, како и за средното образование, учебниците ќе бидат навреме доставени, уверува МОН. Учебниците од четврто и погорните одделенија, освен во печатена форма, ќе бидат достапни и во дигитален формат на порталот e-ucebnici.mon.gov.mk.
Во последните 5 години речи си и да немаше учебна година која сите ученици ја почнаа со учебници. Постојано се прават измени и ревизии на учебниците и програмите, па поради тоа учениците не ги добиваат учебниците навреме. Лани беше воведена нова програма за учениците од четврто одделение, која Владата ја нарече голема реформа и дигитализација на процесот. Учениците не добија книги туку некои оналјн верзии кои не ја вршеа работата поради што, сите наставници без исклучок им препорачаа на родителите да си купат копирани скрипти од кои децата учеа цела година.