ПОЛСКА ЈА ЗГОЛЕМУВА ВОЕНАТА МОЌ Туск најави армија каква што Европа досега не видела

Полскиот премиер вели дека забрзаното зајакнување на армијата е неопходно поради безбедносната состојба во Европа и заканата од Русија.

62

Полскиот премиер Доналд Туск денеска во Гдиња, на парадата на воената морнарица – порача дека Полска не сака нови битки и сака да избегне војна, но нагласи дека тоа може да го направи само оној што е силен, подготвен, вистински независен и суверен.

– Нашата армија, нашите вооружени сили, наскоро ќе бидат најголеми во Европа. Веќе денес можеме да кажеме дека создаваме сила што ќе одлучува за судбината на регионот, бидејќи е современа, бројна и на која ѝ се восхитува целиот свет, а особено нашите сојузници – рече полскиот премиер.






Туск нагласи дека Полска не се вооружува поради амбициите на одделни политичари, туку поради тешките геополитички околности кои бараат зголемени вложувања во безбедноста.

– Денес гордо му велиме на целиот свет, но пред сè на оние кои би сакале нелегално да ги преминат нашите граници или насилно да навлезат: нема да поминете без дозвола на полската држава. Во тоа вложивме напори на илјадници војници, граничари и полицајци – истакнаТуск, осврнувајќи се на засилената заштита на границата на Полска и Европската Унија со Белорусија и Русија, како и на таканаречениот одбранбен проект „Источен штит“.

Како дополнителни столбови на безбедноста на Полјаците, премиерот, покрај силната економија и големите вложувања во армијата, ги наведе вистинските сојузништва и мудрата надворешна политика, посочувајќи го како пример стратешкото сојузништво со земјите околу Балтичкото Море, но и со Франција, Велика Британија и Холандија.

– Можеме да разговараме за полско-украинските односи, но никој не може да се сомнева дека ѝ помагаме на Украина во војната со Русија поради нашата безбедност. Тоа го правиме поради себе, за Полјаците и Полјакинките, а не за некој друг – истакна Туск и додаде дека Полска одиграла клучна улога во спречувањето поделби во НАТО и во спречувањето земјата да биде ставена пред изборот: САД или Европа.

Туск како закана за безбедноста ги наведе и споровите на домашната политичка сцена, обвинувајќи ја опозицијата дека се обидува да предизвика поделби и, заборавајќи ја Русија како главен непријател на Полска, ги означува Европската Унија и Германија како закани.

– Оние партии, оние политичари кои се обидуваат да ве убедат дека наш главен проблем е Европа, дека наш непријател е Украина, дека не ни треба ЕУ, а дека Германецот е најголемиот непријател, некако ја забораваат Русија – опасниот сосед кој води војна во близина на нашите граници, а повремено таа војна преминува и на нашата страна од границата – рече Туск.

Тој предупреди дека некои политичари од опозициските конзервативно-националистички партии се обидуваат да се засолнат во Белорусија или во руската сфера на влијание кога треба да понесат кривична одговорност во татковината.

Полскиот премиер, на 106-годишнината од Варшавската битка во Полско-советската војна – во која било запрено напредувањето на Црвената армија кон Запад и која се одбележува како национален Ден на армијата – потсети дека Полска може да биде безбедна само ако во самата земја нема предавство и крајна неодговорност.

Оваа година Туск одлучи по повод Денот на армијата да присуствува на парада на воената морнарица, додека претседателот Карол Навроцки беше на годишната воена парада во Варшава.

Во Гдиња и Гдањск беше претставен конвој од 20 полски воени бродови и два шведски, долг пет километри, над кој летаа и дел од полските и сојузничките летала што во рамките на НАТО вршат патролирање над Балтичкото Море.

Поврзани содржини