ПОЧНУВАМ СО ПРАВНА ОФАНЗИВА ПРОТИВ ОДЛУКАТА НА БУГАРИЈА Менкиноски вели дека ќе ги искористи сите легални механизми
Адвокатот Тони Менкиноски вели дека започнува легитимна правна офанзива против одлуката на Бугарија да му го забрани влезот.
Адвокатот Tони Менкиноски за ТВ 24 изјави дека стартува со, како што вели, легална и легитимна правна офанзива пред надлежните домашни институции, како и пред релевантните меѓународни механизми за заштита на човековите права, со цел заштита на правото на одбрана и непречено вршење на адвокатската професија.
Државата ќе ги искористи сите алатки кои ѝ стојат на располагање за да го заштити секој македонски граѓанин, изјавиле од Владата по забраната која адвокатот Тони Менкиновски ја доби за влез во Бугарија во времетраење од 10 години.
Адвокатот вели дека во официјалниот документ што го добил стоело дека наводно тој претставувал закана за националната безбедност на Република Бугарија.
Менкиноски на прес-конференција неодамна изрази сомневање дека ваквата мерка е директно поврзана со неговата работа како адвокат кој ги застапува Македонците во Бугарија пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур и истакна оти обвинението е сериозно, но е донесено без конкретно образложение и без претходна правна постапка.
Забраната му била врачена на 6 март при влез на границата во Бугарија.
Познатиот адвокат посочи дека ќе ги искористи сите правни и институционални механизми за да ја оспори оваа одлука. Случајот ќе биде доставен и до Комесарот за човекови права, Европскиот парламент, ОБСЕ, и Обединетите нации, како и до меѓународните организации кои ја следат состојбата со човековите права и независноста на адвокатската професија.