ПОЧНА ПОСТАПКАТА ЗА ИЗГРАДБА НА БРЗАТА ПРУГА ТАБАНОВЦЕ-СОЛУН Владата го задолжи Министерството за финансии да обезбеди пари за проектот
Претходно владата формира Координативно тело кое ќе ја следи реализацијата на Договорот помеѓу Македонија и Велика Британија.
Владата ја почна постапката за изградба на брзата пруга на Коридорот 10, од границата со Грција до границата со Србија, информира вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски.
Владата вчера го задолжи Министерството за финансии, на меѓународниот финансиски пазар, низ отворена и транспарентна процедура, да изнајде финансии за спроведување на овој проект.
– Должината на пругата треба да е некаде повеќе од 200 километри, истата треба да е двоколосечна, во патничкиот сообраќај треба да има брзина од 160км/ч, а во карго сообраќајот треба да има брзина од најмалку 120км/ч и рокот за реализација треба да е некаде 5 години. Очекуваме во текот на летните месеци да имаме поконкретни детали околу финансирањето на проектот, и секако да одиме кон фаза на избор на изведувач, кој што би почнал уште од оваа есен да работи на теренот. Ќе работиме во заеднички проект, каде што и проектирањето и изведбата ќе бидат од еден изведувач и најверојатно ќе се оди според FIDIC правилата или според така наречен жолт FIDIC или според така наречен среден FIDIC – рече Николоски.
Претходно владата формира Координативно тело кое ќе ја следи реализацијата на Договорот помеѓу Македонија и Велика Британија.
– Членови на координативното тело покрај мене се: министерот за надворешни работи и надворешна трговија, министерката за енергетика, минерални суровини и рударство, Министерот за дигитална трансформација, министерот за здравство, директорот на Македонски железници-Инфраструктура, генералниот секретар на Владата и Државниот правобранител, а телото може да кани и други гости по потреба, кои што ќе ја следат реализацијата на Договорот помеѓу Македонија и Велика Британија – рече Николоски.