Почна бојкотот на машиновозачите, возовите на станица
Од 16 часот во мирување е сообраќајот во ЖРСМ. Имам притисоци од менаџментот ама ќе издржиме. Ќе се вратат само возовите што утринава тргнаа кон Битола и Гевгелија, вели Тони Димовски, претставник на машинскиот персонал во ЖРСМ – Транспорт.
Заради неисплатен втор дел од платата за месец јуни, машинскиот персонал во „Железници на Република Северна Македонија“ (ЖРСМ), од денеска во 16 часот стапи во бојкот, потврди Тони Димовски, претставник на машинскиот персонал во ЖРСМ – Транспорт.
Бојкотот на машиновозачите, според најавите на Димовски, ќе трае до утре во 11 часот за кога е закажана средба со менаџментот на ЖРСМ.
– Од 16 часот во мирување е сообраќајот во ЖРСМ. Имам притисоци од менаџментот ама ќе издржиме. Ќе се вратат само возовите што утринава тргнаа кон Битола и Гевгелија. Ќе видиме утре дали ќе има промена по состанокот со менаџментот – изјави Димовски за МИА.
Воедно, тој најави дека до УО на ЖРСМ, како и до Министерство за транспорт и врски и до Агенцијата за железници сообраќај ќе испратат допис преку кој, покрај исплатата на платата бараат и исплата на надомест за квалитет.