ПОЧНА БИТКАТА ЗА ЛИДЕР НА СДСМ Прво претставување на кандидатите во Кавадарци
Деспотовски, Филипче, Петровска и Бајдевски ги претставија програмите пред членството во Кавадарци.
Од Кавадарци започна претставувањето на кандидатите за претседател на СДСМ пред членовите на партија, соопшти партијата.
-На зборови никој повеќе нема да ни верува, туку на делата. А и со дела ќе треба време да мине за да ја вратиме довербата. Тоа ќе биде ѓаволски тешка работа, но мора така, тоа е изводливо со упорност и работа со членството – рече кандидатот за претседател на СДСМ, Венко Филипче.
Тој додаде дека на СДСМ му е потребна реформа на менталитетот, на начинот на кој пристапува во работењето, во односите со луѓето, во планирањето на стратегиите и политиките.
– И таа промена не може да се лажира, или ќе се случи или нема да се случи – рече Филипче.
Јован Деспотовски рече дека СДСМ секогаш мора да презентира јасно изграден став за сите прашања.
– Mногумина наши членови деновиве ме прашуваат – Ако бидете претседател на СДСМ, каков ќе ни биде ставот по прашањето на уставните измени? Тука сакам да бидам јасен. СДСМ излезе на изборите, кои беа и референдум за некои прашања со една понуда, за која се залагавме три години. Нашиот политички противник даде друга понуда по ова прашање и доби три пати повеќе поддршка од граѓаните. Оттаму, ако сакаме да покажеме, а не само да кажеме дека навистина ја сфативме пораката од граѓаните ќе излеземе и ќе им кажеме на ВМРО ДПМНЕ – Повелете, добивте мандат од луѓето, сработете, дајте го решението да го разгледаме и да дадеме поддршка да се спроведе. Тоа им го должиме на луѓето. Е, тоа е став. Така ќе покажеме дисконтинуитет со досегашните политики -, рече Деспотовски.
Според него, доколку се овозможи фер постапка без наметнати решенија, СДСМ ќе победи на 30 јуни.
-Многу е важен и резултатот од самиот изборен процес на кој луѓето ќе треба да кажат дали се за континуитет или радикален дисконтинуитет со досегашните пракси и политики- истакна Деспотовски.
Славјанка Петровска рече дека со својата програма ветува прогресивни политики во СДСМ како и враќање кон корените на социјалдемократијата.
– Јас сум дете од партијата, сум израснала со СДСМ и ќе делувам кон враќање на СДСМ на власт. Мојот личен интергитет, кредибилитет и чесно работење се особини со кои верувам дека ќе ја вратам довербата во партијата прво кај членовите, а потоа и кај граѓаните на Македонија. Социјалдемократската партија се соочила со многу предизвици, вклучувајќи изборни порази и политички кризи, но мора да остане силна и посветена на својата идеологија. Мора и да се реограгнизира со итни реформи, кои вклучуваат ветинг процеси за избор на чесни и посветени членови на раководството и подобрување на комуникацијата меѓу органите и телата на партијата. Треба да се воспостави и академија за социјалдемократија, која ќе овозможи политичка едукација и континуирано градење на политичкиот потенцијал – рече таа.
Александар Бајдевски рече дека во партијата мора да се врати единството, другарството, солидарноста, идеологијата и взаемна поддршка.
– Тоа е она што ќе тежнеам да се врати преку моето работење. Заедно со мојот тим, ќе се потрудиме да докажеме дека СДСМ има капацитет и потенцијал да биде водечка сила во државата, да ги поправи грешките од минатото и да овозможи подобар живот за сите граѓани. Еден од стратешките чекори што треба да ги направиме е да ја вратиме препознатливоста на СДСМ. Кога некој ќе нé праша за што се бориме, ние мораме да имаме конкретен, јасен и прецизен одговор. За таа цел, потребно ни е враќање на корените, враќање на основните социјалдемократски вредности, слободата, правдата, солидарноста, еднаквите шанси за сите. Иако постои перцепција дека во оваа земја граѓаните не ги интересираат идеологија и вредности, јас цврсто верувам дека мораме да изградиме препознатливост кај гласачите преку нашето опстојување и бескомпромисно залагање за вредностите што ја карактеризираат нашата идеолошка матрица – рече Бајдевски.