ПОЧИНА ПРЕГАЗЕНАТА ЖЕНА НА НАРОДЕН ФРОНТ Полицијата го бара возачот што ја удри и ја остави крвава на асфалтот

75-годишната жена почина неколку часа по несреќата, додека полицијата сè уште го бара возачот што ја удрил и побегнал.

4,633

Повредената Љ.Ј. која денеска напладне беше прегазена на улицата Народен фронт во скопски Центар, попладнево им подлегнала на повредите, потврдија од Ургентниот центар, каде што беше пренесена по сообраќајната несреќа.

Станува збор за жена на возраст од околу 75 години, која беше тешко повредена откако во неа удрило патничко возило, по што возачот избегал од местото на несреќата, оставајќи ја беспомошна на коловозот.






И по неколку часа од трагичниот настан, Министерството за внатрешни работи сè уште трага по возачот и возилото што ја усмртило жената. На улицата Народен фронт и натаму е присутна полицијата, која врши увид и ги прибира сите траги што би можеле да помогнат во расветлување на случајот.

Очевидци раскажуваат дека веднаш по несреќата на местото биле видливи крв на коловозот и скршен ретровизор, што укажува на силен удар. Дел од жителите велат дека сцената била вознемирувачка и дека жената лежела повредена додека пристигнала Итната помош.

Од полицијата претходно информираа дека несреќата била пријавена денеска околу 11:30 часот, кога во СВР Скопје било пријавено дека на улицата Народен фронт патничко возило удрило во пешакот Љ.Ј., по што возачот го напуштил местото на настанот. Повредената била пренесена во Комплексот клиники „Мајка Тереза“, каде што лекарите се бореле за нејзиниот живот, но попладнево била констатирана смрт.

Од МВР велат дека се преземаат интензивни мерки за пронаоѓање на сторителот, а повеќе детали се очекуваат по завршување на увидот и идентификацијата на возилото.

 https://plusinfo.mk/zgazil-peshak-i-pobegnal-nesre-a-na-ulicata-naroden-front-vo-skop-e/

Поврзани содржини