ПОБАРАВ ПОМОШ ОД ПРИЈАТЕЛ ЗА ПРИЈАТЕЛ Радуловиќ негира дека била дел од шема за пасоши
Полицијата ја сомничи поранешната ракометна репрезентативка заедно со полицајци и пожарникар за примање поткуп при издавање лични документи.
Поранешната македонска ракометна репрезентативка Валентина Радуловиќ јавно реагираше откако денеска Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава против неа, поврзана со наводни незаконски дејствија при издавање лични документи.
Во објава на социјалните мрежи, Радуловиќ категорично ги негира обвинувањата, наведувајќи дека станува збор за злоупотреба на нејзина приватна комуникација.
„Категорично ги отфрлам обвинувањата за наводно мое инволвирање во незаконски дејствија поврзани со издавање лични документи. Моја лична порака до пријател, вработен во МВР на издавање пасоши, за ургенција за блиски лица на кои им беше итно потребен нов пасош со новото име, во период кога имаше застој во издавањето, е злоупотребена за моја наводна инволвираност“, напиша Радуловиќ.
Таа додава дека не можела ниту да претпостави дека пријателска ургенција ќе биде искористена во ваков контекст и нагласува дека доколку постои постапка во која се споменува нејзино име, ќе ја докажува својата невиност пред сите надлежни институции.
Од Министерството за внатрешни работи, пак, информираа дека Радуловиќ се сомничи заедно со двајца полициски службеници и еден пожарникар за примање поткуп од граѓани, на кои им било овозможувано побрзо издавање лични документи.
Според полицијата, осомничените во периодот од февруари до април 2024 година воспоставиле шема за незаконско посредување при издавање лични карти, пасоши и возачки дозволи, со цел стекнување противправна имотна корист.
„По претходен договор, пријавените организирале паралелен неформален начин на постапување, со јасно распределени улоги, утврдена цена, време и начин на извршување, при што за паричен надомест овозможувале побрзо остварување на правото на јавна услуга, нарушувајќи го принципот на еднаков пристап на граѓаните“, соопшти МВР.
Истрагата за случајот е во тек, а од надлежните институции најавуваат дополнителни информации по нејзиното завршување.