ПОБАРАЛЕ 70 ЕВРА ЗА ДА ПРОПУШТАТ АВТОБУС БЕЗ ЗЕЛЕН КАРТОН Притвор за двајца полицајци од ГП „Ќафасан“
Полициските службеници се лишени од слобода и изведени пред судија на претходна постапка, од чија страна им е одредена мерка притвор во траење од 30 дена.
Министерството за внатрешни работи (МВР) поднесе кривични пријави против двајца полициски службеници А.В. и Н.С., вработени во полициска станица за граничен надзор „Ќафасан“, кои се сомничат за кривични дела „примање поткуп“, односно „несовесно работење во службата“, двете од Кривичниот законик.
„Првопријавениот, на 13.05.2023 на граничниот премин „Ќафасан“, од возач кој управувал автобус со црногорски национални ознаки, за кој не поседувал важечки зелен картон, побарал и примил поткуп во паричен износ од 70 евра, додека второпријавениот, го пропуштил возилото без важечки зелен картон и му овозможил непречено да оствари влез на територијата на Република Северна Македонија“, се наведува во соопштението на МВР.
Полициските службеници се лишени од слобода и изведени пред судија на претходна постапка, од чија страна им е одредена мерка притвор во траење од 30 дена.
„Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди, како овластен предлагач, ќе покрене постапка и за утврдување на дисциплинска одговорност, а полициските службеници ќе бидат суспендирани од работа до завршување на дисциплинската постапка“, додаваат од МВР.