По милион пати слушање „Јовано, Јованке“, можеби и ќе добиете термин за пасош
Иако земјите од светот полека ги креваат рампите за Македонците, нашите граѓани имаат големи проблеми со добивањето на пасоши, а најголема главоболка им предизвикува тоа што слободни термини нема до втората половина на јули.
Дали постои некој што успеал телефонски да закаже за пасош, без да ја слуша инструменталната „Јовано Јованке“ едно 345.533 пати и да му се јавил оператор? Ако да, која е тајната на успехот?
Ова е еден од коментарите на социјалните мрежи од незадоволните граѓани, кои со денови и по неколку неуспешни обиди остануваат разочарани што не можат да добијат термин за вадење на лични документи.
Иако земјите од светот полека ги креваат рампите за Македонците, нашите граѓани имаат големи проблеми со добивањето на пасоши, а најголема главоболка им предизвикува тоа што слободни термини нема до втората половина на јули.
Само упорно…
– Вртев паралелно и на мобилен и на фиксен три дена по ред без престан, но неуспешно. Сепак, по потрошени повеќе од два часа, успеав некако да закажам по електронски пат и да добијам термин – вели скопјанката Марија.
Дури и граѓаните се бодрат меѓу себе во обидите кој и кога ќе добие термин за вадење на нов личен документи
– Само упорно. Нека си отсвири „Јовано, Јованке“ до крај едно 4-5 пати. Ќе се помести некој таму за да крене слушалка сигурно. Со среќа! – се вели во еден од коментарите.
МВР: Енормно зголемен бројот на барањата
Од МВР потврдуваат дека има огромен број на барања за нови лични документи поради подобрувањето на состојбата со коронавирусот и интересот за патување.
– Од наша страна се преземаат сите неопходни мерки за да се одговори на барањата на граѓаните. Во овој период имаме енормно зголемен број на барања за издавање нови лични документи, затоа што, како што знаете, претходно границите беа затворени и не можеше да се патува надвор од државата, па и граѓаните помалку аплицираа за нови документи – велат од МВР за Плусинфо.
Оттаму додаваат дека по отворањето на границите, за нови документи аплицираат граѓаните на кои во претходниот период им истекла важноста на документите, а не ги обновиле, како и оние на кои токму во овој период им истекува важноста.
– Се разбира, ние одговараме на сите барања во рамки на капацитетите на МВР, воведено е и работење и во викенд, се со цел да се одговори што побрзо на барањата – велат од Министерството.
Меѓу 11 и 16 јуни – застој
Од МВР додаваат дека од 11 јуни после 16 часот до 15 јуни до 20 часот нема да биде во функција системот за прием и издавање на лична карта, пасош и возачка дозвола во Скопје поради надградба на системот за лични документи.
– Граѓаните од подрачјето на град Скопје кои имаат закажано термин за аплицирање за личен документ (лична карта, пасош и возачка дозвола) на 11 јуни по 16 часот, тоа да го сторат пред овој термин во просториите на Министерството каде што имаат закажан термин за личен документ истиот ден (11.06. 2021 година) до 16 часот. Граѓаните кои пак имаат закажан термин за 14 јуни правото за поднесување на барање за личен документ, ќе можат да го остварат денес на исто место и во истиот час и минути како што имаат закажано. Оние кои имаат закажан термин за 15 јуни правото за поднесување на барање за личен документ ќе можат да го остварат утре на исто место и во истиот час и минути како што имаат закажано – велат од министерството.
МВР ги информираат граѓаните готовите лични документи да ги подигнат до 11 јуни до 16 часот или од 16 јуни 2021 година.