Љубовната приказна на штрковите Малена и Клепетан, која го обиколи целиот свет, е прекината по 19 година, поради смртта на женката штрк.
Сѐ започнало во 2002 година кога Малена, штрк со скршено крило, љубовта на својот живот ја пронашла во Клепетан, кој секоја година оттогаш верно ѝ се враќал од Африка во Славонски Брод.
– 11 дена не сакаше да јаде, се обидов да ја ранам, беше кај мене дома. Клепетан остана тука, но не сака во гнездото. Тој и натаму мисли дека таа е некаде, многу ми е тешко. Долго време имаше скршено крило. И ветеринар ја посетуваше во последните денови, но веднаш ми кажа дека не може да ѝ се помогне – потврдил за „Индекс.хр“ Стјепан Вокиќ кој ја чуваше Малена.
Пред 28 години пензионерот Стјепан ја нашол Малена со повредено крило, и го спасил животот и оттогаш тој се грижи за неа, а деновите ги поминуваат заедно во исчекување на новата пролет.
Во 2002 година, Малена ја пронајде својата љубов, Клепетан кој секоја година се враќаше повторно кај неа. Заедно имаат 66 штркови. Секоја есен Клепетан заминувапе за Африка, додека Малена остануваше со Стјепан во селото да го чека. Човекот многупати изјавил дека таа трпеливо го чекала секоја година не дозволувајќи никој друг да влезе во нејзиното гнездо.
Пред две години Стјепан мислеше дека Клепетан угинал бидејќи многу доцнел со доаѓањето. Сепак, на крај се утврди дека е уште жив и се појави повторно кај својата сакана.
За нивната љубовна приказна е снимен и филм насловен како „Старецот и штркот“.
ФОТО: Принтскрин