ПЕТ МИЛИОНИ ЕВРА ИСЦИЦАНИ ОД БУЏЕТОТ Осуммина во притвор за даночната шема во УЈП

Обвинителството гони 20 лица за даночни измами, перење пари и злоупотреби во Управата за јавни приходи

2,571

Речиси пет милиони евра државни пари биле извлечени преку даночни измами и фиктивни пријави, а осум лица завршија во притвор, додека за уште десет се изречени строги мерки. Ова е епилогот од големата акција против мрежа поврзана со вработени во Управата за јавни приходи, која ја води Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.

Според истрагата, државниот буџет е оштетен за 297.733.844 денари, односно околу 4,8 милиони евра, а јавниот обвинител оцени дека постои сериозен ризик од бегство, влијание врз сведоци и повторување на делата, поради што побара притвор за десет лица. Судот прифати и определи притвор за осуммина, додека две лица веќе се во притвор во друг предмет. За останатите осомничени се изречени мерки на претпазливост.






Акцијата кулминираше со претреси на 16 локации низ државата, кои траеја до доцна во ноќта. При претресите биле пронајдени и одземени фиктивна документација, готовина, оружје и лажни печати од фирми, што, според обвинителството, јасно укажува на организирана шема за финансиски криминал.

Истрагата ја води ОЈО ГОКК во соработка со Управата за финансиско разузнавање, по претходни информации добиени од Агенцијата за национална безбедност. Обвинителството отвори предмет против 20 лица, за кои постои сомнение дека со години систематски го празнеле државниот буџет.

Во центарот на случајот е српски државјанин, сопственик и управител на две фирми, кој заедно со двајца службеници од УЈП – Регионална дирекција Скопје, во текот на 2023 година оформил криминална група. Целта била едноставна – даночно затајување, даночни измами, перење пари и злоупотреба на службената положба. Во наредните две години во мрежата биле вклучени и други сопственици и управители на фирми од Скопје и Гевгелија.

Со лажни податоци во даночните пријави, првоосомничениот избегнал да плати над 11,5 милиони денари данок, додека други фирми, со поддршка од вработени во УЈП, добиле неосновано вратен ДДВ од повеќе од 31 милион денари. Дел од парите биле дополнително „исчистени“ преку трансфери и подигања во износ од речиси 92 милиони денари, со цел да се прикрие нивното вистинско потекло.

Досегашните докази покажуваат дека вработени во УЈП, меѓу кои и лица на високи раководни позиции, со серија злоупотреби нанеле штета на државниот буџет од најмалку 162 милиони денари.

Истрагата продолжува, а обвинителството најавува нови чекори и можни дополнителни мерки како што ќе се обезбедуваат нови докази.

ВРАБОТЕНИ ВО УЈП МЕЃУ УАПСЕНИТЕ ЗА ДАНОЧНО ЗАТАЈУВАЊЕ? Неофицијално, приведени се повеќе од 10 лица

Поврзани содржини