Пендаровски: Не смее да има прекин на имунизација, а функционерите да се вакцинираат кога ќе им дојде ред

Ги повикувам приватните установи да помогнат, па дури и со медицински кадар да им помогнат на колегите кои се во ковид центрите - вели претседателот.

666

По завршувањето 12-та седница на Советот на безбедност, Претседателот на државата Стево Пендаровски изјави дека прекини во процесот на вакцинација не смее да има до целосна имунизација.

Тој добил ветување од министерот за здравство, Венко Филипче дека досега ниту еден болен не бил и нема да биде оставен без да му се пружи помош.






– Тоа што се случуваше во Србија, тие слики, тоа е срам за нашата држава. Такво нешто не требаше и не треба да дозволиме. Им благодарам на Србија што ни помогна, но мораме ова самите да го решиме. Точно е дека се потпиравме на ковакс механизмот кој задоцни повеќе од два месеци со испораките, точно е дека верувавме во солидарниот фонд на ЕУ кој ќе профунционира дури во април годинава. Од петте најбогати членки на ЕУ, ниту една нема вакцинирани повеќе од 5% од својата популација, рече претседателот.

Претседателот ги повика приватните здравствените установи да се откажат од прифитот и да помогнат на болните од ковид.

– Во време на колективни страдања не треба семејните трагедии да ги користиме за личен профит и делење дивиденди. Ги повикувам приватните установи да помогнат, па дури и со медицински кадар да им помогнат на колегите кои се во ковид центрите – вели претседателот.

Ги повика политичарите да дадат пример со почитување на мерките. Очекува дека утре премиерот Зоран Заев со Алијанса и Алтернатива ќе постигне договор, затоа што не може Собранието да биде блокирано поради еден предлог на опозицијата. Доколку имунизацијата не оди како што треба, рече дека идните денови јавно ќе ги посочи и дека не смеат да ги разочараат граѓаните.

Пендаровски рече дека со повеќето политичари се договориле, никој да не ја искористи својата функција за да добие вакцина побрзо од оние граѓани за кои таа е приоритет, туку ги повика сите да се пријават преку системот за вакцинација и како обичните граѓани да чекаат кога ќе им дојде редот, тогаш да се вакцинираат против ковид-19.

Претседателот спомена дека во моментов минуваме низ најсилната фаза од пандемијата и здравствените капацитети се оптоварени до максимум, потенцираше дека вчера бил и најцрниот ден по бројот на починати и дека се надева овие бројки нема да се зголемат.

Поврзани содржини