Пендаровски ќе го потпише Законот за дивоградби ако пак биде усвоен во Собрание: Нема да изигрувам претседател со џебно вето!
Ако тој закон биде изгласан со потребното мнозинство по вторпат, истиот ден ќе го потпишам, иако имам серија забелешки - вели претседателот.
Ако Собранието по вторпат го усвои законот за легализација на дивоградби, со потребното мнозинство од 61 пратеник, претседателот Стево Пендаровски најавува дека ќе го потпише. Тој вели дека тогаш ќе мора да го потпише указот за стапување во сила на законот за постапување по бесправно изградени објекти, бидејќи со првото непотпишување се исцрпуваат неговите уставни надлежности.
– Немам намера да не го почитувам Уставот, да изигрувам некаков претседател кој има т. н. џебно вето, да не се произнесувам. Ако тој закон биде изгласан со потребното мнозинство по вторпат, истиот ден ќе го потпишам, иако имам серија забелешки – вели претседателот.
Тој се надева дека ќе бидат разгледани и земени предвид забелешките за законот, но тука завршува неговата уставна надлежност.
– Ако решат буквално истиот текст да го усвојат со потребното мнозинство, немам избор – порача Пендаровски, откако се вакцинираше против ковид-19 во Куманово.