„ПАРТИБРЕЈКЕРОТ“ КАСАМИ КОНТРА „ЖУРКАЏИЈАТА“ АХМЕТИ Зошто, побогу, ДУИ би славела 20-години владеење?

Прославата на ДУИ е непотребна и дека нема зошто да слават освен за нивните привилегии што ги користат функционерите на 20-годишната власт, изјави Флакрон Беџети од Алијанса за Албанците.

1,501

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, планира со прослава во Скопје и во Тетово да го одбележи дведеценискиот јубилеј на неговата партија откако е на власт, но градоначалникот на Тетово и лидер на Движењето Беса, Билал Касами, тргна сериозно да му ги помати плановите, апелирајќи им на интегративците да ги откажат прославите и да ја почитуваат болката низ којашто минуваат тетовци особено по големиот пожар што избувна во поранешната фабрика „Македонија Табак“, но и по силното невреме во кое се поплавени повеќе подруми од куќи.

Планот на ДУИ е на плоштадот „Илирија“ да ги покани изведувачите Тајна, Нора Истрефи, Гетоар Селими, Љуми Б и Бута, но Касами тврди дека подмирувањето на трошоците за изведувачите Ахмети ќе го направи со злоупотребени пари од јавни фондови.






Касами: Парите што ќе ги потроши ДУИ за ангажирање пејачи, кои сите знаеме дека не доаѓаат бесплатно, се злоупотребени пари.

– Пријателски го советувам раководството и членството на ДУИ да не оди по паметот на Артан Груби и на 4 јуни да слави во Тетово по сето она што му се случи на градот во изминатите три дена. Да не ги провоцираат тетовци како што ги провоцираа на фудбалски натпревар кога предизвикаа отворен конфликт меѓу Скопје и Тетово. Парите што ќе ги потроши ДУИ за ангажирање пејачи, кои сите знаеме дека не доаѓаат бесплатно, се злоупотребени пари. Ние видовме колку многу го оштетија џебот на тетовци и сите тие проекти кои имаат бројни недостатоци ги реализираа само за да го зголемат своето богатство. Парите нема да ги дадат од свој џеб, туку повторно ќе бидат злоупотребени јавните фондови – рече Касами.

Од партијата на Ахмети молчат и официјално не го коментираат ваквиот јавен „партибрејкерски“ потег од првиот човек на Тетово, иако, како што се зборува во партијата, најавените прослави со сигурност ќе се одржат и дека токму интегративците ќе им помогнат на настраданите тетовци од поплавите и во санацијата на штетите од пожарот.

Покрај забавниот дел, 20-годишнината на ДУИ ќе се одбележи и со други манифестации на кои се очекува да присуствуваат видни личности од земјата и регионот, а во однос на обвинувањата за злоупотреба на парите од јавните фондови, партијата на Ахмети тврди дека прославите се финансираат од партиски средства и од спонзорства. Според проценките, концертите ќе ја чинат ДУИ од 70 до 80.000 евра.

И сега, ако ги тргнеме сите овие препукувања настрана, конечно дојде на ред да се постави главното прашање: „А зошто и по чиј пример, побогу, ДУИ има потреба воопшто да одбележува јубилеј од 20-годишно владеење?“

Флакрон Беџети од Алијанса за Албанците во изјава за Плусинфо вели дека состојбата во којашто се наоѓа државата е толку лоша и дека во најмала рака е безобразно сега да се прават прослави од таков тип.

– Одлуката на ДУИ да прославува јубилеј за дведецениско владеење, според нас, е непотребен чин, бидејќи во моментов не гледаме некоја голема причина за славење. Земјава се наоѓа во една страшна економска криза, а еден од главните причинители на таа криза е токму ДУИ. Поради коруптивната политика на партијата на Ахмети ние не можеме да напредуваме како држава. Во кратки црти, сметаме дека прославата на ДУИ е непотребна и дека нема зошто да слават освен за нивните привилегии што ги користат функционерите на 20-годишната власт – вели Беџети.

Земјава се наоѓа во една страшна економска криза, а еден од главните причинители на таа криза е токму ДУИ.

Флакрон Беџети Алијанса за Албанците

Поранешниот министер за здравство и кандидат за претседател, Имер Селмани, смета дека ДУИ има право да го прославува јубилејот, но дека во овој момент кога граѓаните се соочуваат со егзестенцијални проблеми, организирањето прослава не наидува на одобрување кај граѓаните.

– Дведецениското владеење на ДУИ има и добри и лоши страни, а лош белег кој ја видоизмени државата е тоа што ДУИ го поддржа проектот Скопје 2014, кој, како што гледаме, бил финансиран на криминален начин. Друг лош момент е што голем број млади луѓе се вработуваа по клуч, а не одеа на работа поради што не ни успеаја да изградат административна кариера. Секоја власт по неколку години владеење се расипува и тоа веројатно е точно. ДУИ и на локално и на државно ниво се обивнува за криминал, но не е покренат ниту еден процес за разлика од функционери од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ. Но, ДУИ умее да соработува со двете најголеми партии. Како и да е, сметам дека прославата во овие тешки моменти е неприфатлива – вели Селмани.

Поврзани содржини