ПРИВАТНИТЕ АВТОБУСИ НА „МАКЕКСПРЕС“ ВО „БЕЛ ШТРАЈК“ Не штрајкуваат, ама не возат зашто немаат гориво
Град Скопје привремено го реши проблемот со платите на вработени во ЈСП, но им должи големи пари на приватните превозници. Во „Слобода превоз“ се надеваат на исплата, но во „Макеспрес“ веќе го губат трпението. Денеска автобусите од линиите 19, 20, 22, 53 и 54 не се движеа по утврдениот возен ред.
Неисплатен долг, но и закани за одземање на дозволи. Ова се дел од проблемите со кои се соочуваат приватните превозници во главниот град, „Макекспрес“ и „Слобода превоз“. На нив Градот и Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ им должи милионски суми што треба да им се исплаќаат неделно и месечно.
Во разговор за Плусинфо, еден сопственик на приватен автобус, кој сакаше да остане анонимен, ни откри дека добивале пораки оти ако штрајкуваат нема да им ја продолжат лиценцата за користење на линијата.
– Сите добивме СМС пораки со содржина дека нема да ни ја укинат линијата, ама да знаете дека нема да ви ја продолжиме следен пат ако ве видиме на штрајк. Поради тоа, минатиот пат, кога имавме проблеми и кога не возеа дел од автобусите на линиите 23 и 45, а другите возеа нередовно, за да не останеме без парче леб се повлековме од идејата да штрајкуваме. Верувајте, ние возиме со загуби, немаме никакви приходи за да ги покриеме трошоците за гориво кои постојано се зголемуваат, па поради тоа мораме некако да реагираме – ни изјави сопственикот на приватен автобус.
Од друга страна, директорот на „Слобода превоз“, Ленин Јовановски, ги негираше овие информации за заканите, но потврди дека Градот им должи огромна сума и дека доколку тоа не се случи наскоро, за кога е најавена поголема уплата, тогаш и тие веќе од следната недела можеби ќе престанат да возат на своите релации.
– Ние имавме средба со Градот, кога дел од превозниците немаа можност да возат, поради тоа што немаа пари за гориво и застанаа автобусите од линиите 23 и 45. Но, тогаш договоривме усно една динамика и начин на враќање на долгот, а којашто до денес се почитува во најголем дел. Оваа недела очекуваме една поголема исплата, како и тековните исплати да бидат на неделно ниво. Тоа во голема мера се почитува, немаме причина и ние да не возиме, зашто веќе нешто сме договорени – ни изјави Ленин Јовановски..
Тој ни откри дека Градот им должи точни 42,5 милиони денари, но дека со новиот месец ќе дојде нова фактура за октомври и дека оваа сума ќе се зголеми, доколку нема нова исплата.
На нашето прашање во врска со заканите кон некои сопственици на автобуси, Јовановски вели дека нема информации за такво нешто. Во принцип, ако има закани од Градот, тие би стасале на негова адреса, бидејќи тој ги застапува сите превозници од ова претпријатие.
– Искрено, немам такви информации за закани, така што не можам да потврдам такво нешто. Сите ние со влегување во превозот имаме потпишано договори и со Градот Скопје и со ЈСП, во кои има обврски за исполнување од двете страни. Лиценцата не е нешто што може да се одземе на таков начин. Договорот, на пример, може да се раскине доколку превозникот не исполни 80 проценти од него. Затоа оние кои се финансиски немоќни, ги покриваме со други автобуси, со цел да го задржиме минимумот од 80 отсто од возниот ред – вели Јовановски.
Како што ни објасни Јовановски, одземањето на лиценца е утврден во Законот за превоз во патен сообраќај и тој мора да се почитува, па затоа не верува дека некој сака на таков начин да изврши притисок врз приватните превозници.
Ова претпријатие ги покрива линиите 9, 11, 11а, 12, 23, 45, 47, 55, 61, 63 и 73. На поголем дел од овие линии ЈСП не вози. Затоа, доколку не се најде решение за исплатата на долговите, жителите на овие населени места веќе следната недела би можеле да останат без превоз. Тоа повторно ќе предизвика хаос во градот, како што тоа беше минатата недела, кога автобусите на ЈСП останаа во гаражите во Ѓорче Петров и Автокоманда, затоа што на возачите од ова претпријатие не им беше навреме исплатена платата за септември.
Трпението е многу помало кај членовите на „Макекспрес“. Сопствениците на неколку автобуски линии денеска одлучија да не им биде издаден налог за возење, па автобусите од линиите 19, 20, 22, 53 и 54 не се движеа по утврдениот возен ред.
Оваа информација ни ја потврди Милорад Димитриевски од „Макекспрес“, кој вели дека Градот им должи над 30 милиони денари и дека сопствениците на приватните автобуси повеќе немаат пари да стават гориво и со тоа да го извршуваат услугите кон граѓаните.
– Ние во моментов не штрајкуваме, туку не сме во можност да го извршуваме превозот, бидејќи немаме средства за гориво и тоа е основниот проблем зошто возилата денеска не излегоа на улиците. Во моментов имаме побарувања од Градот од околу 30 милиони денари. Се надеваме дека овој проблем набргу ќе се реши и очекуваме да оствариме средба со претставници на Градот и на ЈСП за да можеме повторно да ги вратиме автобусите во функција – вели Димитриевски.
Како што е веќе познато, на 20 октомври Скопје за првпат во својата историја остана без јавен превоз, низ улиците не возеа автобусите на ЈСП „Скопје“ поради неисплатени плати на вработените. Град Скопје на вонредна седница пренамени 2 милиона евра од другите проекти предвидени во буџетот за субвенции за ЈСП за да може да се поделат плати.
Но, тие пари не се доволни за да се исплатат и приватните превозници, па затоа кон нив се` уште има долг од околу 1,2 милиони евра. Поради тоа останува отворено прашањето дали може наскоро да се случи колапс и кај приватните превозници, бидејќи сега не возат автобусите на „Макекспрес“, а случна најава има од „Слобода превоз“ .