🎥 ПАДОТ ОД ЗЕБРА ЈА ОСТАВИЛ СО ТРАЈНИ ПОВРЕДИ Хејден Панетиер со години живеела со постојана болка

Хејден Панетиер како 14-годишна девојка доживеала тешка несреќа при снимањето на филмот „Racing Stripes“ („Тркачката зебра“), кога паднала од зебра. Последиците од повредата на вратот и хроничните болки ја следеле повеќе од две децении.

0

Актерката Хејден Панетиер, која почина во Јужна Каролина само пет дена пред својот 37. роденден, позната по улогите во сериите „Heroes“ и „Nashville“, со години се борела со последиците од сериозната несреќа што ја доживеала како тинејџерка за време на снимањето на „Racing Stripes“.

Панетиер го снимала филмот во Јужна Африка. Приказната го следи животот на една зебра која сонува да стане тркачки коњ, а младата актерка морала сериозно да се подготви за улогата. Пред снимањето, наводно само еднаш или двапати јава­ла коњ, поради што шест недели учела да јава како џокеј. И покрај малото искуство, тогаш открила дека сама ги изведувала опасните сцени, вклучително и оние во кои јавајќи зебра се движела со полна брзина покрај полнокрвни коњи.






Една од тие сцени завршила со сериозна несреќа. Панетиер паднала од зебрата и добила потрес на мозокот, силно истегнување на вратот и повреди на два вратни пршлена. За несреќата подетално пишувала во своите мемоари „This Is Me: A Reckoning“, каде открила дека последиците не исчезнале со текот на времето.

– Повеќе од 20 години подоцна, овие повреди сè уште ме мачат – напишала актерката.

Во мемоарите таа ги поврзала хроничните болки со еден од најтешките периоди во својот живот. Кога повредата на вратот повторно ќе се влошела, Панетиер открила дека посегнувала по опиоиди за да ја ублажи болката. Сепак, луѓе запознаени со нејзината долгогодишна борба со зависноста по нејзината смрт нагласиле дека би било погрешно сите нејзини проблеми да се припишат само на несреќата. Болката од повредата, велат тие, била реална и со неа се справувала со децении.

Панетиер и самата низ годините отворено зборувала за проблемите со алкохолот и опиоидите. Открила дека проблемите почнале уште во тинејџерските години, а дополнително се влошиле по раѓањето на нејзината ќерка Каја во 2014 година, кога се соочила и со постпородилна депресија.

– Се свртев кон виното, што на крајот доведе до зависност од алкохол. Така успевав да го издржам секој ден – раскажала таа.

Во 2020 година актерката поминала осум месеци на рехабилитација. Во мемоарите открила и дека лекар тогаш ѝ дал застрашувачко предупредување – дека би можела да почине во рок од пет години доколку не престане да пие. Престојот на рехабилитација го опишала како момент во кој конечно престанала да „бега од себе“ и почнала да се соочува со проблемите што со години ги потиснувала. Во интервју од 2022 година трезвеноста ја опишала како „секојдневна борба“.

Причината за смртта на актерката сè уште се истражува. Странските медиуми известуваат дека се разгледува и можноста за предозирање, по што дошло до срцев застој. Панетиер починала само еден ден откако пристигнала во Јужна Каролина со својот партнер Брајан Хикерсон, со кого имала бурна врска и повеќепати раскинувале поради насилство во нивниот однос.

Поврзани содржини