Јовановиќ: Ангеловска направила злоупотреба, ако знаела за стечајот на Еуростандард и ги подигнала заштедите
Јовановиќ смета дека не само Ангеловска, туку било кој друг државен функционер. Тоа е искористување на службената положба за остварување на личен интерес, што е дефиниција за корупција.
Бранимир Јовановиќ, советникот на поранешниот министер за финансии, Драган Тевдовски, смета дека министерката за финансии, Нина Ангеловска, не смеела да ги повлече парите од сега пропаднатата Еурустандард банка.
Јовановиќ на својот фејсбук профил напиша дек не само Ангеловска туку и било кој друг државен функционер не смеел да ги повлече своите пари од банката ако имал информација дека ќе оди во стечај, зашто е тоа искористување на службената положба за остварување на личен интерес, што е дефиниција за корупција.
„Не знам дали Министерката за финансии знаеле дека банката ќе оди во стечај кога ги повлекла парите. Не имплицирам дека знаела, си има државни органи кои треба да утврдат дали е така.
Но, доколку знаела, не смеела да го направи тоа. Не само таа, туку било кој друг државен функционер. Тоа е искористување на службената положба за остварување на личен интерес, што е дефиниција за корупција.
И ова не го кажувам за да ја нападнам министерката. Такво нешто на крајот на нејзиниот мандат е апсолутно бескорисно.
Ова го кажувам за сите нови функционери, кои ќе бидат именувани со новата Влада, да бидат свесни за ова и да внимаваат на своето однесување.
Да, доколку „обичен“ граѓанин дознае дека некоја банка ќе се затвори, тој има легитимно право да се обиде да ги повлече парите од банката.
Но не и државните функционери. Штом ќе стапат на државна функција тие веќе не се „обични“ граѓани. Тие се слуги на народот, тие се јавни службеници и не можат да се однесуваат како и „обичните“ граѓани. Тие мора да бидат спремни да направат лична жртва во интерес на јавното добро.
Тоа е цената на јавната функција – да го ставиш личниот интерес на страна и да работиш за другите, а не за себе.
И секој што не го сфаќа ова, не е за државна функција. Државните функции се за луѓе кои се спремни да му служат на јавниот интерес, да работат за општото добро, да се жртвуваат за државата, а не за луѓе кои гледаат како да остварат лична корист од секоја ситуација“, напиша Јовановиќ на Фејсбук.