Отворен конкурс за русофоби
Секој што сака да добие нешто повеќе, секој што сака да напредува и да се покаже како храбар, мудар, елоквентен, паметен или да поедноставиме, секој политичар пред кого е светла и бериќетна иднина, треба едноставно да смисли некакво оправдание дека некои Руси таму нешто му направиле лошо и дека на него му е потребна поддршка од НАТО, од „меѓународната заедница“ или од ЕУ. Или уште поедноставно кажано, да се пријави на конкурс за русофоби.
Немам намера да ја коментирам војната во Украина и да ги анализирам геополитичките поместувања во светот. Не, тоа им го оставам на тие што се разбираат во војна и во геополитика. Јас, еве, ќе пишувам за политичарите и нивното непогрешливо чувство за тоа што е „ин“ во дадениот момент и нивниот неверојатно добро развиен слух, кога треба да се слушнат вистинските зборови што треба да ѝ се пренесат на публиката.
Клучниот збор во моментов е русофобија. Да разјасниме малку. Значи, секој што сака да добие нешто повеќе, секој што сака да напредува и да се покаже како храбар, мудар, елоквентен, паметен или да поедноставиме, секој политичар пред кого е светла и бериќетна иднина, треба едноставно да смисли некакво оправдание дека некои Руси таму нешто лошо му направиле и дека нему му е потребна поддршка од НАТО, од „меѓународната заедница“ или од ЕУ. Или уште поедноставно кажано, да се пријави на конкурс за русофоби.
Прв на кого му текна на „њу зајец“ беше Мендух Тачи од ДПА, кој во русофоби се впиша уште по првиот круг локални избори во Македонија. Коментирајќи ја катастрофата на кандидатите на СДСМ и другите владејачки партии во првиот круг, Мендух кажа дека еден куп руски пари биле потрошени од опозицијата во кампањата. Нормално дека „фактчекерите“ не го проверуваа лидерот на ДПА, бидејќи и тие беа изненадени од неговото предвесништво. Тој како некое кокиче што расте под снег, прв излезе во јавност и се пријави на конкурсот за русофоби.
Лесно е сега да се оди по стапките на Мендух, па затоа и многумина се охрабрија да го следат неговиот чекор.
На министерот за надворешни работи Бујар Османи сите релевантни претставници од ЕУ му кажаа дека датум за преговори ќе добие тогаш кога ќе се договори со Бугарија. Ама не, тоа не го премислува Бујар да шири оптимизам за нашето зачленување во ЕУ. Ене го во Брисел предупредува на раширената русофилија во Македонија и на опасноста од тоа народот да ни заталка по беспаќето на Москва и на Пекинг. Министерот за локална самоуправа, Горан Милевски, кој воедно е претседател на ЛДП, што значи дека располага со помал број на симпатизери, членови и гласачи од Мендух Тачи, од телевизиското студио му порача на рускиот амбасадор во Македонија самиот да се повлече од земјава. Да не чека да биде протеран, туку посрамен од постапките на неговата војска, амбасадорот едноставно да се спакува и да си замине. Тешко дека некој некогаш во Владата бил заинтересиран да го слушне мислењето на Милевски, но кога е русофобијата во прашање, тогаш поентата на секој поединец се уважува.
Има уште голем број домашни русофоби, но да преминеме на регионалното борилиште. Хрватите го забранија Чајковски, а во БиХ под изговор на „руско сценарио“ довлечкани се војници од повеќе земји. Бугарите најавија дека нема да го продолжат договорот за снабдување со гас од „Газпром“, но најдалеку отиде косовскиот премиер Албин Курти, кој изјави дека чека да се формира новата влада во Црна Гора, па да започнат преговорите за враќање на косовската територија?! Курти кажа дека во претходната црногорска влада имало голем број руски елементи и затоа тој не можел да се договори. Курти смета дека 8.200 хектари земја е неправилно одземена од Косово при постигнувањето на договорот за разграничување помеѓу двете земји.
Можеби Курти е политичарот што најдобро ја сфатил пораката на Мендух Тачи? Ако со русофобија е можно да се оправда лошиот изборен резултат, зошто тогаш да не може и да се прекројуваат границите. Русофобијата би можела да биде и добро оправдување за некоја војна?
Затоа, де не го тупиме! Проблемите нема да се решат сами од себе, туку треба да се запне со русофобијата. Кој колку може, кој како умее. Конкурсот е отворен.