ОСТРА ПОРАКА ОД САД, ИРАНСКИОТ ПЛАН Е НЕПРИФАТЛИВ Рубио го пренесе ставот на Вашингтон за Ормус
Вашингтон ја отфрли идејата Техеран да контролира кој ќе плови низ Ормускиот Теснец, додека преговорите за поширок договор остануваат неизвесни.
Американскиот државен секретар Марко Рубио остро ја отфрли понудата на Иран за повторно отворање на Ормускиот Теснец под строги услови, оценувајќи дека таквиот предлог е неприфатлив и за САД и за меѓународната заедница.
Рубио предупреди дека според предложениот модел, пловидбата низ теснецот би зависела од дозвола од Иран, што, според него, претставува закана за слободниот поморски сообраќај.
– Она што тие го нарекуваат „отворање“ значи дека преминот ќе биде дозволен само ако е координиран со нив. Во спротивно, постои ризик од напад или дополнителни трошоци. Тоа не е прифатливо – изјави Рубио.
Тој нагласи дека Ормускиот Теснец е меѓународен воден пат и дека ниту една држава не може да одлучува кој ќе го користи.
– Не можеме да дозволиме меѓународните пловни патишта да станат „заложници“. Ова не е нормален систем и нема да го толерираме – додаде американскиот државен секретар.
И покрај тоа, Рубио оцени дека Иран покажува сериозност во обидите да се постигне договор со САД, но подвлече дека секој евентуален договор мора да вклучува гаранции дека Техеран нема да развива нуклеарно оружје.
– Мислам дека се сериозни во намерата да излезат од кризата во која се наоѓаат, но договорот мора јасно да спречи развој на нуклеарно оружје – рече Рубио.
Тој посочи и дека економската состојба во Иран дополнително се влошила од почетокот на конфликтот, со раст на инфлацијата и проблеми со исплата на плати, како и поради санкциите.
Во меѓувреме, американскиот портал „Axios“ објави дека Иран преку посредници од Пакистан доставил нов предлог до САД. Планот предвидува прво решавање на кризата околу теснецот и американската блокада, а потоа продолжување на прекинот на огнот или постигнување траен мир.