„МАКЕДОНИЈА ИМА ЗРЕЛОСТ САМА ДА СПРОВЕДЕ ИЗБОРИ“ Пренџов смета дека техничката влада е надживеана

Пренџов вели дека државата има капацитет за самостојно спроведување избори и дека инсистирањето на техничка влада создава поделби.

33

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Пренџов, оцени дека државата има доволно политичка зрелост за да организира избори без техничка влада, посочувајќи дека ваквиот модел е „надживеан“ и не одговара на сегашните околности.

Во гостување во емисијата „Топ Тема“ на телевизија Телма, Пренџов истакна дека Македонија има развиена демократска култура и институции кои можат самостојно да го гарантираат изборниот процес.

– Во интерес на јавноста, следните парламентарни избори кога и да се одржат ќе бидат со техничка влада како до сега. Нашиот став и мој личен став е тоа дека Република Македонија како општество има достигнато ниво на политичка зрелост, има демократска култура и дека тоа како политичари не обврзува да носиме одлуки кои ќе значат подобрување и зајакнување на институционалната стабилност. Сметам дека техничката влада беше за едни други времиња, сега веќе тие времиња ги нема, таа е надживеана – изјави Пренџов.

Тој нагласи дека меѓународните институции ја оценуваат земјата како функционална демократија, способна да спроведува избори без дополнителни механизми.

– Совет на Европа, институција во која членуваат сите држави од европскиот континент, вели дека Република Македонија е функционална и зрела демократија која може да ги обезбеди сите процеси, вклучително и изборниот. Кога тие велат дека сме подготвени, не треба самите да си немаме доверба во институциите – рече Пренџов.

Според него, инсистирањето на техничка влада создава непотребни тензии во општеството.

– Ова се прави со цел да се создаде поларизација и да се извлече политички поен, што е на штета на општеството – додаде тој.

Пренџов заклучи дека државата треба да се движи кон модерна европска демократија, следејќи ги препораките на релевантните меѓународни институции.

– И законите кои функционираат, но и луѓето кои ја водат политиката се многу понапредни и подемократски. Тоа го потврдува и Советот на Европа. Ние заслужуваме да се движиме напред, а не да се враќаме назад – истакна Пренџов.

Поврзани содржини