Ортопедија се поднови, на ред се амбулантите
Директорот на Клиниката за трауматологија, ортопедски болести Александар Трајановски потенцираше дека по долги години едно цело крило од Клиниката за ортопедија целосно се реновира, со болнички капацитети, со санитарни чворови, со простории за болнички пациенти.
На Клиниката за ортопедија на Клиниката за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и Ургентен центар (ТОАРИЛУЦ) пуштено е во функција целосно опремено реновирано крило, со болнички капацитети, санитарни чворови, простории за болнички пациенти.
Увид во реновираното крило денеска направија премиерот Зоран Заев придружуван од министерот за здравство Венко Филипче.
Заев изјави дека одбележуваат уште еден успех во серијата остварувања за подобар јавен здравствен систем во земјава првенствено во интерес на граѓаните заради грижата за нивното здравје, и заради докторите, професорите и други здравствени работници.
– Оваа Клиника е позната по својата експертиза и искуство. Со години на ова одделение и само тука во државава се лекуваат пациенти со малигни заболувања на коскениот систем и деца кои заболуваат од истата болест. Токму затоа се реновираат овие делови, а децата и возрасните кои имаат потешкотии пред и после операцијата со одењето, со закрепнувањето, сега престојуваат во целосно реновирани апартмани, соби со два кревети што одговара на стандардот на болниците насекаде во светот. Следува уште една тура реновирање, а тоа се амбулантите, уште едната последна операциона сала која не е реновирана на овој спрат и другото крило од спротивната страна на овој ходник со што практично се заокружува целиот циклус на реновирање на сите одделенија кои се наоѓаат во најстарата зграда на хирургија – вели министерот Венко Филипче.
Директорот на Клиниката за трауматологија, ортопедски болести Александар Трајановски потенцираше дека по долги години едно цело крило од Клиниката за ортопедија целосно се реновира, со болнички капацитети, со санитарни чворови, со простории за болнички пациенти.
– Како директор веќе девет месеци, единствено нешто што ме води е пациентот и сакам да има задоволни пациенти, затоа што ако има задоволни пациенти ќе има задоволен медицински кадар. Оваа Влада доволно направи за дигнитетот на здравствениот кадар. Нас ни преостанува само да се посветиме на пациентите и да ја вршиме нашата работа најдобро што знаеме – додаде д-р Трајановски.