Ќорото пиле нема идеја како да прогледа, чека Господ да му направи седало

Светот го движат напред идеите, а Македонија ја држи закочена во место сидрото на безидејноста!

5,694

Светот го движат идеите. Големите и малите идеи. Неверојатните и спектакуларни концепти, но и едноставните решенија за баналните проблеми на секојдневието.

Идејата е почетокот на секоја акција. Таа е мајка на секое решение. Никулец на секој успех.






Идеите ги раѓаат љубопитството, копнежот, сомневањето во догмите, отпорот кон лажните авторитети. Тие бликаат кога умот се отвора и кога погледот се крева и се простира отаде меѓата.

И кога ќе ни дојдат, за да нѐ променат нас, а потоа и светот, потребно е да им посветиме љубов, страст и борба, да им принесеме жртви и да работиме напорно, а најмногу тогаш кога е тешко и кога ќе се посомневаме во смислата на нашите потфати.

Како се убедивме дека топлата вода е измислена

Досега не кажав ништо ново. Ништо што веќе не сте го слушнале. На секој чекор читате и слушате вакви „мотивациски“ мудролии. А веројатно среќавате и луѓе кои токму на овој начин постигнале нешто во животот и ги оствариле своите цели.

Сигурен сум дека и меѓу вас има токму такви луѓе.

Па зошто тогаш Македонија тоне во оваа трагична безидејност?

Затоа што сме медиокритети. И конформисти. Идеите, посебно оние што ги предизвикуваат научените догми и обрасци на поведение, нѐ вознемируваат. Нѐ прават несигурни. И си велиме – што ќе ни е сега сето тоа?

Ние повозрасните, генерациите израснати во социјализмот и во едноумието, бевме воспитувани да веруваме во одложена среќа. Да веруваме дека сето добро што треба да ни се случи, сигурно ќе ни се случи, бидејќи веќе е смислено и испроектирано, но ќе се случи малку подоцна – откако ќе ги поразиме непријателите на системот, граѓанската десница, догматската левица, национализмот итн.

Помладите од нас, генерациите израснати во транзицијата и во безумието на војните, беа воспитувани да веруваат дека среќата не живее тука, туку во еден свет на друго место, но дека среќата сепак ни е достапна, бидејќи кога ќе се реформираме, ќе се кандидираме да му пристапиме на тој свет, ќе се понижиме ако треба и ќе се жртвуваме, ќе преговараме и потоа ќе станеме дел од него.

Двете големи историски заблуди ја исклучуваа потребата да размислуваме за тоа што да направиме самите за себе. Бидејќи верувавме дека ионака сѐ е измислено.

Една од нашите омилени поговорки од поновата генерација, преземена од кој знае која исто толку медиокритетска средина, гласи вака – не треба да измислуваме топла вода.

И затоа сега и нашите деца ги учиме да не измислуваат топла вода. А тие веројатно мислат дека топлата вода во чешмите доаѓа од некој посебен дарежлив извор и дека парите што ги трошат некој им ги подарува на нивните мајки и татковци, или дека растат на дрво. А кога ќе се соочат со тажната реалност, нормално, сфаќаат дека нивната среќа не мора да биде одложена и ако веќе таа живее на друго место, тие ќе заминат таму, да ја сретнат.

А ние не можеме ништо против тоа, бидејќи тие имаат право да бидат среќни. Дури и во тие нивни недојдии каде што заминуваат…

Пари има колку сакаш

Патем, кога ќе прошетаме низ комшилукот и кога ќе видиме дека на некои други луѓе, некогаш исти како нас, некако сепак им успева да ги развиваат своите идеи и да направат нешта што нам ни изгледаат вистински чуда, тогаш пак си наоѓаме оправдување за нивната среќа и за нашата безидејност. Велиме: е, тие имаат пари. А ние немаме. И си се убедуваме дека тука лежи проблемот.

И потоа, кога некој ќе објави дека за некаков нов, девети по ред – уау! – пакет антикризни мерки, чија цел е главно да се поткупат 300.000 пензионери, 200.000 луѓе што живеат на државни јасли и уште една армија млади луѓе и такви кои безобразно ги нарекуваме „социјално ранливи лица“, ќе бидат потрошени 660 милиони евра, ретко кој прашува од каде се тие пари.

Од каде бе, кога немало пари?

Од каде им се тие пари за поткуп на секторот што стариот добар Маркс го беше нарекол „општествена надградба“? Од нашата „општествена база“ ли? Од нејакото стопанство? Од секторот што произведува реални производи, услуги, добра?

Не верувам, толкави пари реалниот сектор нема. Не, државата ќе позајми пари, а идните генерации ќе ги враќаат долговите. Како што сега ние враќаме нечии стари долгови. Пари во светот има и секогаш имало, за секој што е спремен да заложи противвредност како гаранција. А кога државата се заложува себеси, својот имот, своите граѓани и нивната иднина, пари има колку сакаш.

Со таква хипотека, секоја будала може да позајми пари.

Значи, не е до парите. Пари има. И нема да снема.

До нас е. До нашата безидејност. До нашиот упорен отпор кон идеите и кон обидот на многу луѓе својата и нашата иднина да ги обликуваат реализирајќи ги своите идеи. Кои мора да се смели. Понекогаш малку и луди. Бидејќи на луѓето им се случува да посакаат да го сменат и светот. Откако прво ќе се променат себеси.

Ќе помине ли идејата на Кочо Анѓушев?

Размислував за овие нешта пред некоја вечер, кога на прославата на 20-годишнината на компаниите „Фероинвест“ и „Брако“, нивниот лидер Кочо Анѓушев ги повика македонските бизнисмени заеднички да вложат во изградба на батериски систем за складирање на електрична енергија од обновливи извори. На тој начин Македонија може да ја осигура својата енергетска транзиција.

Кочо верува во партнерства и бара партнери да ја реализира својата идеја. Некои тоа го сметаат за чудно, но јас мислам дека тој го избрал најдобриот и најфер начин да ја оствари својата замисла. Една од многуте негови идеи. Ми се чини, највозбудливата.

Не сум доволно едуциран на темата енергетика, не можам лично да оценам дали идејата на Анѓушев е реална и остварлива. А веројатно не значи многу ако кажам дека Кочо не е човек што зборува штогоде и ако му посакам успех во реализацијата на оваа идеја. Плусинфо сепак консултираше експерти од областа, кои ги следат и светските искуства. Меѓу нив нема дилеми дека Македонија, за сума од околу 60 милиони евра, може да добие батериски „сториџ“ од околу 200 мегавати. Тоа е колку еден блок на РЕК „Битола“. И бездруго нема дилеми дека еден таков капацитет за Македонија ќе значи многу посигурна иднина на полето на енергетиката. Најважно е што тој проект може да се реализира брзо и квалитетно, многу побрзу од реализацијата на контроверзниот проект „Чебрен“.

Откако ги утврдивме фактите, кои се неумоливи, си го поставив прашањето: добро, ако се тргне настрана стигматизација на ликовите како Анѓушев, на луѓето кои неправедно жигосани како „транзициски профитери“, иако најголемиот дел од нив немаат ама баш ништо заедничко со македонската приватизација и со транзицијата на македонската економија од договорна (социјалистичка) во пазарна, што друго би можело да се испречи на патот на реализацијата на еден ваков проект?

Немаме 60 милиони евра? Или можеби 100 милиони евра? Нека се и 200 милиони…

Не можеме да најдеме толкави пари?

А имаме 600 милиони евра за популистички трансфери на државни пари кон „ранливите категории“ население и бла бла бла…

Судбината на една прекрасна идеја за Попова Шапка

Се сетив потоа дека токму за една таква сума, можеби малку помала, со Кочо Анѓушев зборувавме одамна и во еден друг разговор, во неговиот кабинет во Владата, кога тој беше вицепремиер за економски прашања. Од едната страна тој, од другата страна еден тим ентузијасти кои сонуваат Попова Шапка да стане европски и светски ски центар, на чело со непоправливиот Жарко В. Трпковски. Јас бев во улогата на љубопитен истражувач и фацилитатор на средбата. И Тетоец по потекло, битна работа. Жарко во нашата екипа донесе и еден угледен словенечки експерт за ски инфраструктура, човек со завидно портфолио.

Намерата ни беше да го теслимиме Анѓушев да го протежира нашиот идеен проект за развој на Попова Шапка и Јелак. Прво, се обидовме да го убедиме дека просторот на Попова Шапка и Шар Планина имаат научно докажан потенцијал и карактеристики да стане најголем ски центар во регионот, Цермат на Балканот. Второ, го убедувавме вицепремиерот дека кога во овој ресорт паметно би се вложиле 200 милиони евра (приближно толку колку што лани вети несудениот инвеститор „Техно Алпин“), со четири месеци зимска сезона и со сето она што значи модерна комунална и ски инфраструктура, овој наш ресорт може да остварува многу повеќе приходи од туризмот во Охрид. И трето, образложивме дека со паметно проектирање, со почетна инвестиција од најмногу 50 милиони евра, овој ресорт може веднаш да се изедначи со капацитетите на ски центрите во соседните земји, Србија и Бугарија. Словенецот вети дека бесплатно ќе подготви идеен проект и физибилити студија за проектот и го уверуваше Кочота дека за помалку од една година, за неколку милиони евра, може да ги оснежи постоечките ски патеки со вештачки снег, како почетна „мамка“ за сериозните инвеститори.

На Анѓушев не требаше многу да му се објаснува. Видел човекот европски ски центри, машинец е, бизнисмен е и знае што може а што не може. Идејата што ја застапувавме беше прекрасна и инспиративна. Занесени од сопствениот ентузијазам, почнавме на Кочо да му објаснуваме детали на тој идеен проект за еден нов скијачки центар, всушност, кој Жарко со право го нарекува Попова Шапка и Јелак.

Сепак, вицепремиерот се потруди да ни објасни дека работите околу Попова Шапка веќе имаат фатено некој друг тек, дека сајбијата („Елем турс“) има свои планови и студии, дека на теренот има потенцијални предизвици од комунален карактер поврзани со општината и слично.

Во таа опиеност, во мислите веќе облекувајќи ги цокулите со намера да се спуштам како форфаре на првата вештачки заснежена патека, со македонско знаме во рацете, не сфатив дека Кочо ме предупредува. Малку подоцна, кога стана јасно дека од нашиот проект нема ништо, а уште подоцна кога ми стана уште појасно какви интереси се вплеткани околу Попова Шапка, сфатив што сакал човекот да ми каже.

И така, работата остана на чешање јазици, а Анѓушев брзо потоа ја напушти владата. Тоа беше една од неговите подобри идеи.

Инвеститор инвестира за да заработи, не за да арчи пари без врска

За жал, чекор по чекор, еве, полека станува стварност и страхувањето дека ќе пропадне и намерата на светски познатата компанија „Техно Алпин“ да инвестира во развојот на Попова Шапка. Јас тврдам дека пак не се проблем парите, иако станува збор за јавно обзнанета сума од 168 милиони евра. За добра идеја и за добар проект, тоа не се големи пари, особено ако се вложуваат фазно и особено поради фактот што искуствата во регионот покажуваат дека тие инвестиции се враќаат брзо.

Па каде е тогаш проблемот?

Сајбиите на Попова Шапка не откриваат, но јас сум убеден дека инвеститорот сфатил дека ние во Македонија, всушност, не знаеме што сакаме. Државата и „Елем турс“ форсираат проект кој од Попова Шапка ќе направи популарен излетнички центар, но не и врвен скијачки центар. Се разбира, излетничките центри се убава работа, но не носат пари. А зошто некој би арчел пари за проект од кој нема да профитира?

Можеби грешам, но мојата претпоставка е дека неколкугодишното ломотење Жарково, помалку моето и на некои други добро информирани љубители, дека скијачката инфраструктура треба да се насочи кон северните падини на Јелак, а не кон јужните падини на Попова Шапка, сепак допрело до некого. Луѓето од „Техно Алпин“ не се јабанџии. Ако во овој проект не се во улога на продавачи на опрема (на кои би им било сеедно што ќе прават будалите ние, со таа опрема откако ќе ја купат), туку во позицијата на сопственици коишто ќе менаџираат со идниот модерен ски центар, тогаш верувам дека ќе се потрудат со минимални вложувања да постигнат максимални ефекти. Така како што би постапил секој инвеститор. Така како што ние го убедувавме Кочота, а Словенецот велеше дека државата треба самата да ги направи почетните инвестиции, како државата Србија во Копаоник и Златибор, како државата БиХ во Јахорина…

И еве, сега во „Елем турс“ мукла мара за „Техно Алпин“. Се расправаат таму за некакви неисплатени плати на вработените, за тоа кој и како ќе ги одржува постоечките ски-лифтови, за разни други глупости. Мајстори сме за трошење енергија „на ситно“…

За нас сонцето нема да изгрее, барем не во догледно време

Едно е сигурно – ако пропадне оваа идеја, нема да пропадне поради немање пари.

И системот БРТ во Скопје не пропадна поради немање пари. Напротив, тој беше отфрлен од Данела Арсовска со затворена финансиска конструкција.

Едноставно, такви сме. Безидејни ропаци. И во принцип, не  веруваме во идеите. Во принцип. Уште помалку во нашата способност од идеите да направиме стварност.

„Земи една идеја, посвети ѝ се, бори се со трпение и сонцето ќе изгрее за тебе“, вели големиот гуру Свами Вивекананда.

За нас сонцето нема да изгрее, бидејќи ние не правиме ништо тоа да се случи – ги отфрламе или ги потценуваме идеите, не им се посветуваме, не работиме, немаме ни ентузијазам ни трпение.

Полесно ни е да спискаме 600 и кусур милиони евра за предизборна корупција и за „ублажување на кризата“, отколку да вложиме многу помалку пари во проекти со кои ќе правиме пари, па ич да нема криза.

Ние цел живот сме ќорото пиле, на кое, како што нѐ учи народниот „мудрец“, господ седало му прави.

Затоа не прогледува пилето.

Затоа и ние нема да прогледаме.

Барем не во догледно време.

ПС. Кога се преслушувам сега, какви идеи сум „расфрлал“ ваму таму, сфаќам дека сум бил сериозна будала – бидејќи, да им „продаваш“ идеи на некои луѓе, како што тоа јас сум се трудел (таа епизода со Кочо е исклучок од правилото), тоа навистина да ти било будалска работа. А сепак, не жалам. Она малку слава и пари за релативно конфорен живот ги заработив со проект кој во почетокот на беше ништо повеќе од една налудничава идеја, за која имав малку поддршка и многу, неверојатно многу отпори. Од тогаш наваму, саде битки. Како што пееше Тоше, да ги сведеш сметките – само пораз ќе остане. И сега, веќе сум малку изморен…

 

Поврзани содржини