ЏОН ГАЛИАНО СЕ ПОВЛЕЧЕ ОД „МЕТ“ Ана Винтур застана зад дизајнерот по жестоките реакции
Метрополитен музејот нема да ја одржи планираната изложба на Џон Галијано во 2027 година, откако дизајнерот се соочи со повторни критики поради неговите минати антисемитски и расистички забелешки. Галиано и Метрополитен музејот ја потврдија одлуката на 31 август, само неколку недели откако музејот ја најави ретроспективата.
Џон Галиано и Метрополитен музејот во Њујорк ја откажаа планираната голема ретроспективна изложба посветена на британскиот дизајнер, која требаше да биде во центарот на Мет Гала во 2027 година. Изложбата „John Galliano: Horizons“ требаше да опфати четири децении од неговата кариера и да го претстави неговиот исклучителен придонес кон модата, но планот предизвика жестоки реакции поради антисемитските и расистичките изјави на дизајнерот во 2010 и 2011 година.
Одлуката не ја донел само музејот. Галиано самиот објави дека по „многу размислување и разговори“ заклучил дека е најдобро изложбата во овој момент да не се одржи. Тој повторно презеде одговорност за болката што ја предизвикал со своите зборови и изрази жалење, особено кон еврејската и азиската заедница. Нагласи и дека не сака контроверзите околу неговото име да ја засенат работата на Институтот за костими. Од „Мет“ потврдија дека одлуката за неодржување на изложбата е донесена заеднички со Галиано.
Да се потсетиме, во 2011 година кариерата на Галиано се урна по серија инциденти во парискиот бар „La Perle“. На интернет се појави снимка на која, видно под дејство на алкохол, тој вели:
– Го сакам Хитлер. Луѓето како вас денес би биле мртви. Вашите мајки, вашите предци, сите би биле во гасни комори и мртви.
Во друг инцидент, еврејска жена и нејзиниот партнер, кој бил Азиец, го обвиниле за антисемитски и расистички навреди. Галиано беше отпуштен од „Dior“, а подоцна во Франција беше прогласен за виновен за јавни навреди врз основа на потекло, верска припадност, раса или етничка припадност.
Галиано подоцна јавно се извини и презеде одговорност за своите зборови. Во актуелното соопштение по повлекувањето од изложбата повторно изјави дека останува целосно одговорен за болката што ја предизвикал. Во меѓувреме, неговата кариера постепено се обновуваше, а важна улога во тоа имаше Ана Винтур. Долгогодишната уредничка на „Vogue“ и една од клучните личности зад Мет Гала не се откажа од него по скандалот, туку го поддржа неговото враќање во модниот свет, вклучително и неговиот ангажман кај Оскар де ла Рента и подоцна неговото враќање како креативен директор на Maison Margiela.
Сега Винтур ја поддржа и одлуката на Галиано да се повлече од изложбата, нарекувајќи ја „многу храбра“ и порачувајќи дека и тој и музејот ја имаат нејзината целосна поддршка. Во подготовките за изложбата, Галиано, Винтур и кураторот Ендру Болтон разговарале и со претставници на еврејската заедница за неговото минато и за тоа како неговото дело би можело да биде претставено без да се игнорира она што се случило.
Проблемот стана уште посериозен поради планираниот датум. Изложбата требаше да биде отворена во мај 2027 година, во периодот на Мет Гала, а датумот се поклопуваше со Јом Хашоа – Денот на сеќавање на жртвите на Холокаустот. Против изложбата јавно се изјаснија претставници на еврејската заедница, политичари и други влијателни личности, а според американските медиуми, дел од донаторите на музејот се заканиле дека ќе ги повлечат своите донации доколку изложбата продолжи.
Со откажувањето, Галиано останува еден од највлијателните, но и најконтроверзните дизајнери на својата генерација. Неговата кариера вклучува работа во Givenchy, Dior и Maison Margiela, а неговите креации имаат оставено силен печат врз современата мода. Сепак, скандалот од 2011 година останува неразделен дел од неговата приказна. Со изложбата во „Мет“ требаше да биде трет жив дизајнер на кој музејот му посветил голема самостојна изложба. По нејзиното откажување, музејот треба дополнително да ја објави новата тема за пролетната изложба и Мет Гала во 2027 година.