ОХРИЃАНЧЕ СО ТЕШКА СКОЛИОЗА ТРАНСПОРТИРАНО НА ОПЕРАЦИЈА ВО ИСТАНБУЛ Трет транспорт на пациенти со медикохоптерот
Осумгодишно неподвижно девојче од Охрид со тешка сколиоза, утрово било транспортирано со хеликоптер од градската болница „8 Септември“ на операција во Истанбул, Турција, потврди директорот на ГОБ „8 Септември“, д-р Христијан Костов.
Тој објаснува дека барањето за медицински хеликоптер се пушта до Центарот за управување со кризи (ЦУК) на бројот 112. Потоа до одделот за воздухопловна единица при МВР. А откако МВР одобри, барањето се испраќа до Министерството за здравство, кое пак се обраќа до директорот на ГОБ „8 Септември“ за да се формира медицинска екипа за транспорт на пациент.
– На 13 мај 2024 година, преку Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК, а потоа дополнително преку електронска пошта до Центарот за управување со кризи, било упатено барање од родителот на детето за транспорт од Охрид до болницата во Истанбул. Детето кое се транспортира со хеликоптер, имало проблем со моториката, не може самостојно да оди, не зборува и има голем степен на искривување на ‘рбетниот столб, повеќе од 80 отсто. Поради наведените здравствени проблеми, долготрајниот транспорт е можно дополнително да се одрази негативно врз здравствената состојба на детето. Ако се земе предвид дека оваа операција на ‘рбетот спаѓал во тешки и ризични операции, а постоперативното опоравување е долгорочно и многу тешко, особено во таква состојба, констатирано е дека друг вид транспорт со толкаво времетраење е многу ризичен и опасен по животот на девојчето – наведува ЦУК.
Детето е веќе сместено во Медицинскиот центар во Истанбул и за кратко време хеликоптерот ќе се врати во базата во Скопје.
Ова е трет транспорт на пациенти од Македонија со медикохоптерот на МВР.