Одговорноста на дело во „силната држава“ Македонија – ќе се жртвува коњ, за да се спаси кралицата!

Ако јас се прашувам, никој од вас не е виновен за ништо, другарчиња. Ве ослободувам од секаква одговорност. Ние сме виновни. Сите ние што ве трпиме. Додека не се опаметиме, ве заслужуваме!

22,172

Другарчиња, нема потреба да се карате за тоа кој е одговорен за бегството на Сашо Мијалков. Сфативме. Тричките ваши веќе ни објаснија дека тоа што Сашо избегал ја покажувало силата на нашата држава, а не нејзината слабост.

Откако не успеаја да нѐ убијат на друг начин – а се потрудија, мора да се признае! – тричките решија да нѐ убијат со смеење. И засега добро им оди.






Хахахахахаха!

Всушност, ако добро размисли човек, во право се. Само вистински силна држава може да го издржи вашиов јавашлук, другарчиња. И ова невидено глупирање и поткопување на институциите, ова антидржавно поведение на комплетниот политички врв!

Чувствувам лична одговорност што ве критикувам во вакви тешки моменти. Според вашата пропаганда, другарчиња, критичарите на власта се виновни за бегството на Мијалков. Како што беа виновни и за бегството на Груевски, се подразбира тоа. Толку многу ве замајуваме со критиките, што не можете да се сконцентрирате на водењето на вашата „силна држава“.

Како не ни е срам?!

Тоа што на вас две овци врзани да ви дадат ќе ги изгубите, тоа баш и не е важно. Она што е важно е вие и во овие тешки моменти да најдете оправдување за вашата недоветност и повторно, по кој знае кој пат, за вашите драматични утки да ги обвините опозицијата, критичарите на власта и сите што не ви се по волја.

Еве, премиерот Зоран Заев кажал дека сега ќе поведе некаква своја истрага за тоа кој е крив, па ќе ги чека резултатите во следните неколку дена. А додека чекате, аман, немојте да се карате меѓу себе. Како што се карате. И очи си вадите.

Немојте, другарчиња, тажно е човек да ве гледа вака унесреќени. Веќе сте во вториот мандат, досега во вашите редови не пронајдовте ниту еден одговорен и виновен за било што, та сега самите ли ќе го уривате митот за вашата невиност?

Не се секирајте, кризата ќе мине. Тричките грозничаво работат на случајот, ги бараат најдобрите цитати во книгите на големите светски филозофи, тие што ќе го оправдаат овој идиотлак. Така тоа се прави во „силните држави“.

Хахахахаха!

Но добро, еве, јас го преземам товарот на мојата лична одговорност за несреќниов случај. Оставете ги на раат и министерот Оливер Спасовски и Вилма Русковска, ве молам. Не, не сум циничен, навистина тврдам дека тие двајцата воопшто не се одговорни за овој тежок гаф.

Тие што навистина сакаат да откријат кој е виновен за бегството, прво треба да пронајдат одговор на едно друго важно прашање – зошто избега Сашо Мијалков. Беше ли редовен на сите судски рочишта? Ги исполнуваше ли сите свои обврски како обвинет? Беше ли политички коректен кон власта, ако не и повеќе од тоа? И што му текна да избега сега, неколку дена пред соопштувањето на пресудата за предметот „Таргет-Тврдина“?

Одговорот на оваа дилема е јавна тајна. Можеби токму затоа „силната држава“ овој пат сепак ќе мора да понуди жртва. За да се смири „хистеризираната јавност“. Ќе мора да се жртвува коњ, за да се спаси кралицата. Или ни тоа нема да мора?

Ако јас се прашувам, никој од вас не е виновен за ништо, другарчиња. Ве ослободувам од секаква одговорност!

Ние сме виновни. Сите ние што ве трпиме. Сите ние што ве гласавме на избори, што ви симнувавме ѕвезди, што верувавме во вашите лаги и што сме прости, бре, па како такви ја правиме државата силна.

Затоа, терајте!

Додека не се опаметиме, ве заслужуваме!

 

Поврзани содржини