ОДБРАНАТА НА ПАЛЕВСКИ НЕ ЈА ПРИКАЖА „КЛУЧНАТА“ СНИМКА Адвокатите бараат да се испита дали чаурата од куршумот со кој е убиен Панче е испукана од пиштол на Боре
Во доказот со број 193 не се наоѓа видеозаписот кој сакавме да го презентираме, а се однесува на 22.11.2023 за камера 67, кај новиот мост Железничка од Сејф сити, со реално време, 00.15 минути. Од причина што ние немаме програм за отворање на цедињата, а овој доказ е важен за одбраната, бараме да ни биде овозможено од Јавното обвинителство овој доказ да биде презентиран – рекоа адвокатите на Палевски.
Одбраната на првообвинетиот Љупчо Палевски Палчо за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, денеска не го изведе нивниот клучен доказ од камерите на Безбеден град со кој сакаше да докаже дека обвинетиот Палевски бил во Скопје ноќта на 21 кон 22 ноември 2023 година. Судот прифати да се прикаже снимката предложена од одбраната, но таква снимка не беше прикажана.
– Во доказот со број 193 не се наоѓа видеозаписот кој сакавме да го презентираме, а се однесува на 22.11.2023 за камера 67, кај новиот мост Железничка од Сејф сити, со реално време, 00.15 минути. Од причина што ние немаме програм за отворање на цедињата, а овој доказ е важен за одбраната, бараме да ни биде овозможено од Јавното обвинителство овој доказ да биде презентиран – рекоа адвокатите на Палевски.
Судот ѝ укажа на одбраната дека сите докази се доставени во списите на предметот и дека секогаш можат да направат увид и да ги видат сите цедиња и повторно да предложат презентација.
Бранителот на Палевски, Марјан Витанов предложи како доказ да се достави чаурата пронајдена на местото каде што е пронајдено телото на Панче Жежовски.
– Во списите има вештачење на таа чаура од вешто лице, кој утврдил дека се работи за чаура од оружје од калибар 9 милиметри и дека на неа се пронајдени траги од значење, односно траги кои можат да се споредат со базата на податоци од МВР, во однос на тоа дали оваа чаура е испукана од оружје за кое се поседува дозвола за поседување и носење оружје, односно конкретно дали е од пиштолот на Боре Видевски. Бараме дополнение на вештачењето на чаурата. Вештото лице да изврши проверка на оваа чаура со базата на податоци на МВР дали оваа чаура потекнува од оружје од базата на МВР, конкретно од пиштолот на Боре Видевски. Бараме и вештото лице Јасминка Трајковска од оддел за форензика да биде повикана пред Судот – рече Витанов.
Тој наведе дека во оваа фаза на постапката сите нивни предлози за докази се истакнати и дека немаат други предлози.