ОД СЛЕДНАТА ГОДИНА ЌЕ ПЛАЌМЕ ИНСТАНТ ВО РЕАЛНО ВРЕМЕ Почна да функционира клонот на европската инфраструктура за Западен Балкан
Согласно утврдената динамика на имплементација, предвидено е деловните банки во земјата да го завршат процесот на техничко поврзување и пристапување кон системот заклучно со јануари 2027 година, по што услугата за инстант плаќања ќе стане целосно оперативна и достапна за граѓаните и за бизнис-секторот преку сите банки во државата.
Почна да функционира платформата на клонот на ТИПС (TARGET Instant Payment Settlement), европска инфраструктура на Евросистемот за инстант плаќања во реално време (24/7), со порамнување во пари на централна банка за неколку секунди, што преставува технолошка основа за воспоставување на Националниот инстант платен систем и воведување плаќања во реално време, соопшти Народна банка.
Со овој чин се отвора ново поглавје во модернизацијата на платежната инфраструктура во нашата земја и во регионот, а инстант плаќањата стануваат реалност.
Согласно утврдената динамика на имплементација, предвидено е деловните банки во земјата да го завршат процесот на техничко поврзување и пристапување кон системот заклучно со јануари 2027 година, по што услугата за инстант плаќања ќе стане целосно оперативна и достапна за граѓаните и за бизнис-секторот преку сите банки во државата.
Тоа ќе овозможи парите да се пренесуваат за само неколку секунди, во кое било време од денот и ноќта, секој ден во годината, вклучително и за време на викендите и празниците. Со тоа, граѓаните и компаниите ќе добијат пристап до побрзи, поефикасни и современи начини на плаќање, усогласени со европските стандарди.
Клонот на ТИПС е платформа развиена и управувана од Банката на Италија, врз основа на технологијата на ТИПС (TARGET Instant Payment Settlement) ̶ услуга на Евросистемот за порамнување на инстант плаќањата во пари на централните банки. Преку неа се овозможува порамнување на плаќањата во реално време, како во националните валути на петте земји учеснички од Западен Балкан, така и во евра.
Оваа заедничка технолошка основа претставува важен предуслов за поврзување на националните системи за инстант плаќања и нивна интеграција со европската платежна инфраструктура.
Проектот започна минатата година, а од ноември годинава сите пет земји од регионот се приклучени на платформата овозможувајќи извршување инстант плаќања во националните валути на петте земји.
Во следниот период се очекува овозможување и на прекугранични плаќања во евра помеѓу овие земји. Со тоа се создаваат услови за поефикасен и поврзан регионален платежен простор, зајакнување на соработката меѓу централните банки и унапредување на прекуграничните плаќања.
Заедничката иницијатива претставува и конкретен чекор кон приближување на платните системи во регионот до европските стандарди и практики.
Гувернерите на централните банки од регионот ја истакнаа важноста на оваа иницијатива за поврзување на националните системи за инстант плаќања и за создавање можности за нивна идна интероперабилност со европската платежна инфраструктура. Со тоа се поставува основа за регионален систем што ќе овозможи побрзи и поефикасни прекугранични трансакции, како и поширока достапност на современите дигитални платежни услуги.
Придобивките од новата инфраструктура ќе одат многу подалеку од брзината на извршување на плаќањата. Таа ќе овозможи развој и воведување нови дигитални услуги, како што се иницирање плаќања со користење мобилен телефонски број или електронска адреса, барање за плаќање, проверка на примачот, онлајн плаќања и плаќања преку интероперабилни кодови.
Овие можности ќе придонесат за полесно секојдневно плаќање, поголема употреба на дигиталните канали, особено кај трговците и малите компании и забрзување на дигитализацијата на јавниот и приватниот сектор.
Во Банката на Италија во која денеска официјално беше одбележано заокружувањето на процесот на воспоставување на регионалната платформа на клонот на ТИПС.
На настанот присуствуваа гувернерите на народните банки од земјите од Западен Балкан: Трајко Славески, Гент Сејко (Албанија), Јасмина Селимовиќ (Босна и Херцеговина), Ахмет Исмаили (Косово) и Ирена Радовиќ (Црна Гора).
На одбележувањето присуствуваа и гувернерот италијасната централна банка Фабио Панета и министерот за надворешни работи и меѓународна соработка, Антонио Тајани.