ОД МУСТАФА, БРАЗИЛ И РУДИ ДО УЧЕСТВО ВО РЕАЛИТИ ШОУА Легендарната пејачка повторно е дел од циркусот за народ

Беби Дол по повеќегодишно повлекување од јавноста повторно е пред камерите, но не на сцената, туку во ново реално шоу.

1

Драгана Шариќ, позната како Беби Дол, по повеќегодишно повлекување од јавноста повторно е пред камерите. Легендарната пејачка на 5 септември влезе во „Елита 10“, меѓу 55-те учесници во јубилејната сезона на реалното шоу.

Пред влегувањето таа откри дека не барала никакви посебни услови од продукцијата.






– Мене тоа апсолутно не ми е потребно. Мене целиот живот ми е посебен, не ми требаат посебни услови –  изјави Беби Дол. Таа додаде дека не се доживува себеси како ѕвезда и дека најголемиот комплимент ѝ се песните по кои публиката сè уште ја памети.

Во „Елита 10“ Беби Дол влегува по подолга пауза од јавноста. Како што самата објасни, претходно не можела да прифаќа реалити ангажмани поради обврските кон родителите.

Беби Дол, всушност, не е ново име во реалити форматите. Таа веќе учествуваше во „Фарма“, „Двор“ и „Задруга“, па публиката одамна имаше можност да ја запознае и во ситуации далеку од сцената.

За „Елита 10“ го потпиша договорот во август, по разговор со сопственикот на „Пинк“, Жељко Митровиќ, кој тогаш најави дека од неа очекува да биде едно од изненадувањата во јубилејната сезона. Самата Беби Дол изјави дека прифатила затоа што не се смета за кукавица и дека не поднесува предавници и кукавици.

Пред да стане реалити-учесничка, таа беше една од најпрепознатливите пејачки на југословенската сцена. Со „Мустафа“ стекна голема популарност, „Руди“ стана култна песна, а во 1991 година со „Бразил“ ја претставуваше Југославија на Евровизија. Таа настапуваше во периодот непосредно пред распадот на државата и остана запаметена како последната претставничка на Југославија на Евровизија.

Поврзани содржини