Од 90 починати на Инфективна, многумина не се јавиле ни на матичен, вели Стевановиќ
Нашите математики се дека 50 отсто од пациентите се предоцна донесени на лекување и верувам дека исходот би бил поинаков ако тие биле донесени навреме или барем консултирале матичен лекар - вели Стевановиќ.
За зголемениот број починати од коронавирусот, директорката на Инфективната клиника, Милена Стевановиќ, денеска одговор дека речиси 50 отсто од пациентите кои починале во оваа установа, биле предоцна донесени, без претходна консултација со лекар, а дека дома се лекувале со денови.
– Требаат прецизни анализи за прецизно да се дискутира за смртните случаи. Од повеќе од 470 пациенти досега, имаме 90 кои за жал, починаа. Најголем дел од нив се донесени на лекување по 10-15 дена самолекување, односно без претходна консултација на лекар. Еден друг дел од болните се донесени кај нас откако повеќе од една недела се самолекувале. Нашите математики се дека 50 отсто од пациентите се предоцна донесени на лекување и верувам дека исходот би бил поинаков ако тие биле донесени навреме или барем консултирале матичен лекар – вели д-р Стевановиќ.
Таа додаде дека на Инфективната клиника сериозно ги следат трендовите во лекување на ковид-19 и препораките кои ги добиваат од целиот свет, но потврди дека досега, за жал, немаат болен кој е успешно симнат од респиратор.
– Пред некој пациент да биде ставен на респиратор, претходно ги испробуваме сите други можни методи. Механичка вентилација е последна опција во третманот, и токму поради тоа веќе трета недела нема ниту еден пациент на респиратор. Освен што ги следиме новините од светот, ние се потпираме и на сопственото искуство и токму поради тоа, сметаме дека треба да ги искористиме сите други методи пред да ставиме пациент на респиратор – рече д-р Стевановиќ.