📷 ОБВИНИТЕЛСТВОТО ДОБИ СПЕЦИЈАЛИЗИРАНА ПРОСТОРИЈА Во неа ќе се сослушуваат деца жртви на трговија со луѓе

Нека оваа просторија биде почеток на нови стандарди – стандарди кои ќе го почитуваат човекот, ќе го штитат детето и ќе ѝ дадат лице на правдата која зрачи со доверба, изјави Основниот јавен обвинител Ислам Абази велејќи дека просторијата ќе биде алатка од суштинско значење.

361

Во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈОГОКК) денеска, 2 јули, беше отворена првата специјализирана просторија за сослушување на деца жртви и сведоци на трговија со луѓе.

Проектот е реализиран со поддршка на регионалниот проект EU4FAST – „Поддршка на ЕУ за зајакнување на борбата против криумчарење мигранти и трговија со луѓе во Западен Балкан“, финансиран од Европската Унија, а ко-финансиран од Германија, Италија и Холандија.






Просторијата е прва од ваков вид во рамките на јавното обвинителство во државава, прилагодена според највисоките европски и меѓународни стандарди чија цел е создавање безбедна и поддржувачка средина за жртвите на трговија со луѓе, особено децата, соопштија од Обвинителството.

Фото: ОЈО ГОКК

– Оваа донација за нас не е само материјална поддршка, туку признание дека сме на добар пат и се залагаме за вистинските вредности – особено кога се во прашање децата и ранливите категории – изјави Основниот јавен обвинител Ислам Абази во своето поздравно обраќање, додавајќи дека „просторијата не е само функционален простор, туку алатка од суштинско значење“.

– Таа е одраз на нашата заложба како институција да бидеме на страната на граѓаните – особено на оние на кои најмногу им е потребна заштита и разбирање – вели Абази.

Во духот на воспоставување на нови стандарди, јавниот обвинител го заврши своето обраќање со инспиративна порака:

– Нека оваа просторија биде почеток на нови стандарди – стандарди кои ќе го почитуваат човекот, ќе го штитат детето и ќе ѝ дадат лице на правдата која зрачи со доверба.

Поврзани содржини