ОБВИНИТЕЛСТВОТО ДА ОТВОРИ ИСТРАГА ЗА НАСИЛНИОТ НАСТАВНИК Просветните инспектори наложија мерки и за директорката

Oсудуваме секаков вид на насилство, неетичко и неморално постапување и однесување на било кој вработен во образовна установа со што се наштетува на психо физичкиот развој на учениците, на воспитно образовниот процес и се доведува во прашање угледот на професијата наставник - велат од Државниот просветен инспекторат.

265

Државниот просветен инспекторат  (ДПИ) го повикува Основното јавно обвинителство да отвори истрага за случајот со насилниот наставник кој на час по англиски јазик тепал и малтретирал ученик во основното училиште „Панајот Гиновски“ во скопската насеба Бутел.

Ова е препораката на просветните инспектори кои вчера направиле увид и препорачале мерки кои треба во наредниов период, додека не се расветли случајот докрај да ги преземе раководството во училиштето. Потоа ќе следува и контролен инспекциски надзор.

– Од непосредниот увид со записник се констатира дека е известено Министерството за внатрешни работи и дека е поведена дисциплинска постапка. Од страна на Државниот просветен инспекторат ќе се издаде и решение со наредени мерки со што се задолжува директорот на училиштето да ги преземе сите законски мерки и активности за целосно документирање и расчистување на случајот. Исто така, ДПИ го повикува Основното јавно обвинителство да постапи во врска со случајот – велат од  Државниот просветен инспекторат за Плусинфо.

Јавноста е згрозена откако на социјалните мрежи се појави вознемирувачко видео на кое се гледа како наставник прво му удира на ученикот две шлаканици по лицето, на двата образи, одеднаш го зграпчува и го крева во воздух и го спушта на земја.  На овој згрозувачки и потресен чин, како што може да се види од снимката сведоци се деца, сооченици на тепаниот ученик кој е понижуван пред нив.

– Oсудуваме секаков вид на насилство, неетичко и неморално постапување и однесување на било кој вработен во образовна установа со што се наштетува на психо физичкиот развој на учениците, на воспитно образовниот процес и се доведува во прашање угледот на професијата наставник – велат од Државниот просветен инспекторат.

Поврзани содржини