Скопското обвинителство почна истражна постапка против едно лице поради поседување психотропни супстанции и оружје.
Осомничениот 42-годишник, во својот дом во скопската населба Козле држел 19 пакувања со вкупно 21,6 грама амфетамин, повеќе дигитални ваги со остатоци од дрога, како и огнено оружје – пиштол „црвена застава“ со калибар 7,65 мм и два куршуми, информираат од Обвинителство.
Психотропните супстанции и оружјето биле пронајдени при претрес на домот на осомничениот на 5 јануари.
Со оглед на тоа што во конкретниот случај постојат околности коишто укажуваат дека осомничениот би можел да се даде во бегство или да ги повтори делата, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор.