ОБВИНИТЕЛКАТА НЕКА ОБЕЛОДЕНИ СÈ ЗА ЕПШТАЈН Трамп ги смирува страстите во својата Републиканска партија
Таа се справува многу добро со ова и ќе зависи од неа. Што и да смета дека е веродостојно, треба да го објави, изјави шефот на САД за државната обвинителка Пем Бонди која е под притисок од поддржувачите на Трамп и видни Републиканци да објави уште документи до досиејата за случајот со Џефри Епштајн.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека државната обвинителка Пем Бонди треба да објави сè што смета дека е веродостојно за сексуалниот престапник Џефри Епштајн. Изјавата на Трамп доаѓа во време кога тој се соочува со отпор од поддржувачите кои не сакаат случајот да се затвори, јави Би-Би-Си.
Обвинителката Бонди добила критики од дел од политичката база на Трамп, откако минатата недела истакнала дека нема докази дека Епштајн имал список на клиенти или дека уценувал моќни личности.
– Таа се справува многу добро со ова и ќе зависи од неа. Што и да смета дека е веродостојно, треба да го објави – изјави Трамп.
Кога новинар прашал дали државната обвинителка го информирала Трамп дали неговото име се појавува во некои од документите, тој одговорил со „Не, не“.
Трамп за време на викендот ги повика поддржувачите да не губат време и енергија за овие наводи. Но, сојузниците на Трамп, вклучувајќи го и претседателот на Претставничкиот дом Мајк Џонсон, инсистираат на транспарентност.
Подоцна во вторник, Трамп повторно повика на објавување на веродостојни информации за случајот со Епштајн, но прашал зошто трае опсесијата со случајот Епштајн, нарекувајќи го „валкан, но здодевен“.
– Само навистина лоши луѓе, вклучувајќи ги и лажните вести, сакаат да продолжат со нешто вакво – истакна Трамп.
Минатата недела Трамп во Овалната соба изрази фрустрација за фиксацијата со Епштајн и ги повика вработените „да го надминат тоа“.
Сепак, некои Републиканци сепак, не се откажуваат. Во интервју со американскиот коментатор Бени Џонсон, претседателот на Претставничкиот дом Џонсон рекол дека му верува на Трамп и на неговиот тим, но сепак очекува Бонди да излезе и да им го објасни тоа на сите.
– Треба да објавиме сè на виделина и да дозволиме луѓето да одлучат – изјави Џонсон.
Конгресменката од Џорџија, Марџори Тејлор Грин, во одделно интервју исто така нагласи дека лидерите мора да ги исполнат ветувањата кон гласачите.
Смртта на Епштајн во 2019 година во американски затвор беше прогласена за самоубиство, но дел од движењето МАГА (Направи ја Америка повторно голема) тврди дека вистинските детали биле прикриени за да се заштитат влијателни личности или разузнавачки агенции.