ДВАЈЦА ПОРАНЕШНИ МИНИСТРИ ЗА ЕКОНОМИЈА КУРТУЛИЈА ОД ОДГОВОРНОСТ ЗА ТРАГЕДИЈАТА ВО „ПУЛС“ Секој од 34 обвинети можел да го спречи пожарот, заедно ќе одговараат за смртта на 62 млади луѓе
Обвинети се за кривични дела со кои заеднички, со учество во дејствие на извршување на кривично дело или со друг особен придонес кон извршување на делото, предизвикале значителна опасност за животот и телото на луѓето и за имотот од големи размери на место каде што се собрани поголем број луѓе, односно, на 16.3.2025 година, при настапот на музичката група ДНК во угостителскиот објект „Клуб Пулс“ Кочани, каде во пожар 62 лица го загубија животот, со тешки телесни повреди се здобија 157, а со телесни повреди уште 54 лица, рече обвинителот Љупчо Коцевски.
Јавното обвинителството до Основниот суд Кочани денека поднесе обвинение против 34 физички и против 3 правни лица за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој на 16 март животот го загубија 62 лица, меѓу кои и 6 малолетници. Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски рече дека сите се обвинети за кривичното дело Тешки дела против општата сигурност.
– Обвинети се за кривични дела со кои заеднички, со учество во дејствие на извршување на кривично дело или со друг особен придонес кон извршување на делото, предизвикале значителна опасност за животот и телото на луѓето и за имотот од големи размери на место каде што се собрани поголем број луѓе, односно, на 16.3.2025 година, при настапот на музичката група ДНК во угостителскиот објект „Клуб Пулс“ Кочани каде во пожар 62 лица го загубија животот, со тешки телесни повреди се здобија 157, а со телесни повреди уште 54 лица. Обвинетите делото го сториле со свесно непостапување според прописите и техничките правила за заштита, а дел од нив и со директно општоопасно средство и дејствие со кое бил предизвикан пожарот – рече државниот обвинител Коцевски.
Со години се кршеле закони
Тој истакна дека според обвинителниот акт, со години наназад се кршеле закони, се прикривале неправилности и се дозволувало дискотеката „Пулс“ да функционира, иако не ги исполнувал ниту минималните технички услови за безбедност и за заштита од пожари. Обвинети се сопствениците на дискотеката, членови на нивните семејства, соработници, поранешните градоначалници на Кочани, инспектори, обезбедувачи и државни функционери, односно двајца поранешни министри за економија. Сите тие со своето сторување или со несторување придонеле да се случи огромната трагедија во коа загинаа 62 млади лица.
За 11 лица е запрена постапката и нема да се гонат со обвинение, бидејќи обвинителскит тим што го формираше ЈО за да ја изврши истрагата засега не обезбедил доволно докази. Меѓу нив се двајца поранешни министри за економија и поранешни директори на Државниот пазарен инспекторат. Обвинителот Коцевски одби да открие кои двајца поранешни министри се обвинети, а за кои двајца нема доволно докази. За членот на ДНК Владимир Блажев-Панчо постапката е прекината додека е на лекување. Прекината е постапката и за Александар Карадаковски, кој бееше управител на фирмата, а почина на болничко лекување.
Сопствениците на „Пулс“ правеле што сакаат
Тројца обвинети, рече Коцевски, во својство на одговорни лица, сопственици и управители на правното лице Друштво за производство, трговија и услуги „Класик ДМ“ ДОО Кочани со подружницата Кабаре Пулс, односно ДПТУ ММММ Кафе ДООЕЛ со подружницата на правното лице Клуб Пулс Кочани, од 13.12.2012 година до 16.3.2025 година во наведениот објект вршеле угостителска дејност, иако:
– објектот не ги исполнувал минимално техничките услови за вршење угостителска дејност согласно член 6 од Законот за угостителска дејност
– за објектот немале решение за одобрение за реконструкција со пренамена од градоначалникот на Општина Кочани согласно член 97 став 5 од Законот за градење
– објектот не бил предвиден за намена Б3, односно за големи угостителски единици
– за објектот немало основен проект за реконструкција со пренамена согласно член 47 од Законот за градење, со соодветни архитектонски, градежни (статика со сеизмика), електротехнички, сообраќајни, термотехнички и други проекти и елаборати согласно намената на градбата, како и посебен елаборат за заштита од пожари, експлозии и опасни материи согласно член 70 од Законот за заштита и спасување,
– не донеле и не изработиле план и процена на загрозеност и план за заштита и спасување согласно член 13 и член 39 од Законот за заштита и спасување.
– Првообвинетиот во временскиот период во 2012 и 2024 година во повеќе наврати преземал градежни дејствија со кои извршил реконструкција со пренамена на објектот, при што неконтролирано, без стручен надзор, вградувал несоодветни материјали – синтетички, полимерни материјали и полиуретански сунѓер, кои носат ризик од лесно започнување и брзо ширење на пожар и други опасности од пожар. Во објектот не биле исполнети минимално-техничките услови, ниту основните стандарди и барања за заштита од пожар и за безбедност и заштита од пожар, за да во него се врши угостителска дејност. Практично, во објектот не бил испочитуван ниту еден пропис во однос на квалитетот на вградените материјали, носивоста и стабилноста на конструктивните елементи, бројот и големината на излезите за евакуација, бројот на паркинг местата, преградувањата на објектот, но и во однос на предвидувањето, располагањето и употребата на соодветни уреди и инсталации за заштита од пожари и експлозии, друга противпожарна опрема, средства за гаснење на пожари и противпожарни апарати – рече Коцевски.
Си градел како сака, без дозволаи без контрола
Обвинетиот сопственик на објектот во кој функционирал клубот, рече Коцевски, со умисла помогнал така што дозволил и учествувал во градежните активности за вршење угостителска дејност, иако знаел дека објектот во негова сопственост нема таква дозволена намена, ниту пак како сопственик поднел барање за реконструкција со пренамена.
– Обвинет е и братот на првообвинетиот, како одговорно лице за продажба на влезници и за контролирање на бројот на посетители и на нивната возраст, бидејќи континуирано, во договор со својот брат, не постапувал според прописите и техничките правила за заштита согласно Правилникот за минимално-техничките услови за вршење на угостителската дејност. Не водел сметка и продавал поголем број влезници, со што овозможувал влез на поголем број посетители од дозволениот во клубот. Воедно, не постапувал согласно член 35 од Законот за угостителска дејност и дозволувал во објектот да влезат лица помлади од 18 години, иако бил свесен дека објектот не исполнува никакви безбедносни услови за заштита од пожари и знаел за незаконските дејствија на реконструкција со пренамена со кои биле прекршени прописите и техничките правила за заштита – рече државниот обвинител на прес-конференцијата во ЈО, на која присуствуваше и обвинителскиот тим што ја водеше истрагата.
Инспекторите никогаш ништо не провериле
Обвинета е сопственичка и правно лице од Кочани, преку кои во 2012 година на барање на првообвинетиот, спротивно на Законот за градење бил изготвен проект за пренамена на објектот во кој не биле содржани сите фази односно делови и елаборати кои задолжително мора да ги содржи основниот проект.
– Во 2023 година, повторно незаконски, таа му изготвила основен проект, користејќи го како образец претходниот документ, при што ја сменила насловната страна како да е документот изготвен во 2023 година, за да може обвинетиот и инвеститорот ММММ Кафе ДООЕЛ Кочани понатаму незаконито да го користи документот како основа за вршење на угостителска дејност и добивање лиценца – рече Коцевски.
Обвинети се и тројца овластени градежни инспектори во Општина Кочани, кои, никогаш не ја провериле реконструкцијата на дискотеката.
– Иако биле самостојни во вршењето инспекциски надзор, со непостапување според прописите и техничките правила за заштита, спротивно на своите права и должности, во целиот период кога биле овластени градежни инспектори воопшто не покренале и не воделе постапка за инспекциски надзор по службена должност за утврдување на фактичката состојба и изведување докази. Не наредиле отстранување на неправилностите и не донеле решение со кое ќе го задолжат сопственикот да го врати објектот во првобитната состојба. Свесни биле дека поради нивното несторување може да настапи штетна последица, но се согласиле со нејзиното настапување и овозможиле „Пулс“ незаконито да продолжи со вршење на угостителска дејност – кабаре – посочи обвинителот.
Градоначалниците како да не биле од Кочани
На обвинителна клупа ќе седнат и тројца поранешни градоначалници на Кочани кои биле на чело на општината во периодот од 2012 до 16.3.2025 година.
– Иако согласно Законот за локалната самоуправа ја застапувале и ја претставувале општината и биле должни да се грижат за спроведување и почитување на деталниот урбанистички план за општина Кочани, знаеле дека објектот „Пулс“ претставува безбедносно опасен објект за вршење на угостителска дејност, бидејќи не ги исполнувал законските услови согласно Законот за градење, а ДУП на Општина Кочани не дозволувал на таа локација да постои угостителски објект. Сепак, не презеле никакви службени дејствија за утврдување на неправилности, за санкционирање и за затворање на угостителскиот објект и со своето непостапување му овозможиле на првообвинетиот и на правното лице незаконито да вршат угостителска дејност. Во услови кога сопственикот на објектот никогаш не поднел барање за реконструкција со пренамена, градоначалниците не наредиле надзор на овластените градежни инспектори во рамките на инспекциската служба во состав на Општина Кочани, не донеле Годишна програма и не подготвиле месечни планови за работа на овластените градежни инспектори за вршење инспекциски надзор на наведениот објект засновани на проценката на ризик, со оглед да објектот е место каде што се собираат поголем број посетители и постоела опасност по нивните животи и здравје. Тие никогаш не ги известиле Дирекцијата заштита и спасување, Министерството за внатрешни работи, Државниот пазарен инспекторат и Министерството за економија дека објектот работи без да ги исполнува законските услови за таа намена – рече Коцевски.
Воедно, додаде тој, спротивно на Законот за заштита и спасување, иако постоел континуиран ризик, не презеле мерки за превенција, за ублажување и за спречување на настанување на можните опасности од други несреќи. Тие не предложиле план за заштита и спасување кои задолжително се применуваат во објектите за вршење на туристичко угостителска дејност.
– Без овој објект да биде впишан во регистарот на општината согласно Законот за угостителска дејност, му овозможиле на првообвинетиот да плаќа надоместок за вршење на угостителска дејност-кабаре во износ од 4.000 евра, од кои половина биле уплаќани на сметка на општината – прецизираше Коцевски.
Обезбедувачите го обезбедувале профитот на газдата, наместо гостите
Обвинение е поднесено против управителот на агенцијата за обезбедување и четири припадници на обезбедувањето, а еден од нив немал ниту лиценца за обезбедувач. Тие се гонат и бидејќи дозволиле во објектот да влезат малолетни лица, а не спречиле ниту внес на пиротехниката од страна на музичката група „ДНК“.
– Истрагата против реалниот газда на агенцијата за обезбедување е во тек и не е дел од обвинението. Тие не презеле активности за откривање на штетни појави. Клубот „Пулс“ го обезбедувале без писмен договор, без претходна безбедносна проценка, без проверка на влезовите и излезите и нивната исправност, како и преполнетоста на објектот. Агенцијата требала да изготви план за одржување на јавниот ред на настан од забавен карактер со присуство на поголем број на посетители и да ангажира повеќе работници на обезбедување, а таков план не бил изготвен и доставен на одобрување до надлежен орган на подрачјето каде се одржува настанот. На критичниот ден не контролирале и овозможиле влез и присуство на малолетни лица во објектот по полноќ, а исто така не го спречиле внесот и користењето на експлозивни материи- пиротехнички средства од страна на членови на музичката група ДНК со кои бил предизвикан пожарот – додаде Коцевски.
Опасноста од пожар била постојана
Директорите на Дирекцијата за заштита и спасување, како и генералниот инспектор кој бил раководител на инспекциската служба на ДЗС, се гонат дека, иако биле свесни дека може да настапи штетна последица со нивно непостапување, тие не преземале мерки за заштита на луѓето и имотот од пожари.
– Не организирале надзор. Директорите како службени лица на ДЗС во целиот тој период не донеле одлука за распоредување инспектор за заштита и спасување на Општина Кочани. Обвинетиот раководител на инспекциската служба не ја координирал и организирал работата на инспекциската служба со цел да обезбеди ефикасна примена на прописите за инспекцсикиот надзор за заштита и спасување, па до 2020 година во годишните планови воопшто не предвидел спроведување инспекциски надзор над објекти на Општина Кочани. Од 2021 година постапувал спротивно на методологијата за проценка на ризик при планирање на инспекциски надзор и иако знаел дека на подрачјето на Општина Кочани има објекти кои вршат угостителска дејност – дискотеки и кабареа, никогаш не бил испланиран и спроведен инспекциски надзор. Такви мерки и активности не биле преземен и во врска со дискотеките и кабареата низ територијата на целата држава. Со тоа овие осомничени овозможиле „Кабаре Пулс“ Кочани да обавува дејност од забавен карактер наменета за голем број на посетители, иако не ги исполнувал условите за заштита. Со тоа ги изложиле посетителите на угостителскиот објект на опасност во непроверен и неконтролиран субјект на надзор – рече Коцевски.
Двајца ексминистри обвинети, двајца – не
Обвинети се пет државни службеници, двајца министри и генерален секретар од Министерството за економија.
– Обвинетите пет државни службеници, еден државен секретар и двајца министри воопшто не постапиле според прописите или техничките правила за мерките за заштита утврдени во Законот за угостителската дејност, а во врска со Законот за инспекциски надзор, на начин што во континуитет издавале лиценци за вршење угостителска дејност – кабаре, иако согласно правилникот за минимално техничките услови за угостителската дејност, во целиот временски период објектот спаѓал во категорија диско клуб, без притоа да ги исполнува пропишаните минимално-технички услови. Во состојба на нецелосна документација за издавање на лиценца, воопшто не постапиле и не иницирале вршење на вонреден инспекциски надзор до Државниот пазарен инспекторат за проверка на минимално-техничките услови. Во обвинението детално се наведени пропустите кај секоја од лиценците поединечно. Во оваа група, за пет лица, меѓу кои двајца поранешни министри, постапката е запрена, бидејќи обемот на прибраниот доказен материјал до овој момент не е доволен за да се покрене обвинение против нив – рече Коцевски.
Како поединечни случаи, додаде тој, во истрагата се обезбедија докази за еден државен службеник кој постојано ги изготвувал лиценците за „Пулс“ и кој директно побарал и примил подарок за себе и за други, за да изврши службено дејствие што не би смеел да го изврши.
– Во 2019 година од првообвинетиот побарал и добил 12.000 денари парична награда кои му биле исплатени на неговата банкарска сметка. Во 2024 година, пак, за поголема имотна корист од 226.000 денари на првообвинетиот му изработил две фалсификувани лиценци, кои ги заверил со службениот печат на Министерството за економија, а на кои своерачно се потпишал како да се потпишала обвинетата државна секретарка – додаде Коцевски.
Со обвинението се опфатени и четири службени лица, инспектори од ДПИ. Тие не постапиле според прописите и мерките за заштита. Кај директорите кои беа опфатени, не е лоцирана директна одговорност.
– Иако биле свесни дека со нивното несторување може да настапи штетна последица, се согласиле со нејзиното настанување – кажа Коцевски.
Секој обвинет можел да ја спречи трагедијата
Според него, секоја од овие алки имала моќ да ја спречи трагедијата или да го намали потенцијалот на загуба на животите.
– Како резултат на севкупноста на пропустите, на усно договорен настап, без формален договор, заради сценските ефекти, била договорена употреба на пиротехнички средства. Пропуштани биле и деца во клубот. Обвинетите го утврдија потеклото, начинот на влез, поставување и активирање на пиротехниката, на три базни уреди со телескопска антена кои се активирале истовремено. Пиротехниката била набавена без одоборение – рече обвинителот.
И синот на газдата е обвинет во делот на пиротехниката.
– Пиротехничките средства биле употребени во целосно небезбедни и опасни услови, кои произлегле од вкупните пропусти на службените и одговорните лица за наведениот објект. Фонтаните исфрлале искри во правец на плафонот над сцената и како резултат на тоа почнало прогресивно опожарување на полиуретанскиот сунѓер со кој бил обложен плафонот во објектот, по кој веднаш пожарот се проширил по должината на целиот плафон, а потоа и низ целата внатрешност и конструкција на објектот. Поради вградените материјали во објектот кои биле без огноотпорни својства и небезбедните конструктивни зафати, почнал стихијно да се шири отворен оган проследен со чад и висока температура во внатрешноста на објектот. Помеѓу присутните посетители настанало масовно, некотролирано и панично бегање преку единствениот излез за евакуација, кој не бил безбеден затоа што на патот за евакуација во правец на напуштање на објектот од внатре кон надвор имало двокрилна двонасочна врата која претставувала пречка за движењето. Самата надворешна врата немала евакуациона намена со систем за кочење во отворена положба и хоризонтален ракофат со пропишани димензии и заради што дополнително била отежната евакуацијата. Поради целосното непочитување на безбедносните правила за заштита од пожар, преполнетоста на објектот со постители, настанало масовно туркање и паѓање на посетителите во ходникот со што напуштањето на објектот било целосно попречено и биле предизвикани тешките последици – рече Коцевски.
Ќе останат со години во затвор
Бидејќи единствената последица која ги врзува сите овие кривично-правни дејствија е катастрофалниот пожар, во кој животите ги загубија 62 лица, меѓу кои и шест деца, на сите обвинети им се ставаат на товар – Тешки дела против општата сигурност од член 292 став 2 во врска со член 288 став 3 од Кривичниот законик. Само поранешната државна секретарка во Министерството за економија е обвинета за Тешки дела против општата сигурност од член 292 став 4. Обвинетиот државен службеник од Министерството за економија кај кого беа откриени и дејствија на поткуп, ќе одговара и за Примање поткуп и за Фалсификување службена исправа.
– За обвинетите правни лица поднесено е обвинение за кривично дело Предизвикување општа опасност од член 288 став 5 во врска со став 3 од Кривичниот законик – додаде Коцевски.
Според Кривилниот законик за Тешки дела против општата сигурност од член 292 став 2 во врска со член 288 став 3 е предвидена затворска казна од најмалку 3 години, без горна граница.