Обелоденет проектот „Гранд“: Три кули со три пати помала катност од предвиденото со ДУП, зеленило два ипол пати повеќе од законската обврска!

На парцелата 1.1. спроти „Холидеј Ин“, наместо законски предвидените 2.500 метри квадратни под зеленило, ќе бидат зазеленети 6.250 квадрати. Но, во оваа квадратура не се смета т.н. вертилкално зеленило на терасите на објектите. Дополнително, инвеститорот „МГ Фешн“ ѝ предлага на општина Центар на соседната парцела 1.4. предвидена за плоштад, со свои пари да подигне парк на површина од 7.322 квадрати.

1,604

На парцелата 1.1. спроти хотелот „Холидеј Ин“ ќе никнат три кули, од кои највисоката од приземје и 22 ката, три пати помалку од предвиденото со Деталниот урбанистички план. Наместо 13.654 метри квадратни површина за градба колку што овозможува ДУП, инвеститорот ќе изгради 9.165 метри квадрати.

Клучните параметри на проектот „Гранд“

 






Од друга страна, наместо законската обврска за покривање на околу 2.500 метри квадрати под зеленило, ќе бидат зазеленети 6.250 квадрати. Но, во оваа квадратура не се смета т.н. вертилкално зеленило на објектите, кое дополнително ќе го облагороди просторот.

Вертикалното зеленило е светски тренд, но тоа не е пресметано во предвидените 6.250 квадрати зелени површини, категорично тврди инвеститорот

 

Дополнително, инвеститорот ѝ предлага на скопската општина Центар соседната парцела 1.4., на површина од 7.322 метри квадратни, која според ДУП е предвидена за плоштад, со сопствени средства да ја уреди во парк и зеленило.

Инвестититорот е спремен на парцелата 1.4, (десно на фотографијата) со ДУП предвидена за Плоштад, да подигне парк и зеленило на сопствен трошок

 

Ова се клучните информации од денешната јавна онлајн-презентација на проектот „Гранд“, во кој инвеститорот, компанијата „МГ Фешн“, дел од „Фешн Груп“, ќе вложи околу 60 милиони евра. Како што истакна директорот на „МГ Фешн“, Илија Божиновски, во портфолиото на ова компанија има повеќе објекти, а најзначаен е „Скопје Сити Мол“, инвестиција вредна 100 милиони евра.

– На парцелата 1.1. ќе никне нов станбено-деловен комплекс, енергетски ефикасен објект, нов скопски даунтаун, со многу јавни површини и многу зеленило. Предвидуваме ова да биде нов урбан центар на градот – рече Божиновски, изразувајќи благодарност за поддршката од граѓаните на скопско Ново Маало.

Уште неколку битни детали за проектот „Гранд“ беа соопштени на јавната презентација. Две од трите кули ќе бидат наменети за домување, а една ќе биде деловен простор. Ќе бидат изградени 400 станови за 1.200 граѓани. Сегашниот паркинг спроти „Холидеј Ин“ ќе се пресели под земја, а подземниот паркинг ќе биде со капацитет од 1.000 возила.

Посебно внимание е посветено на сообраќајното решение, на продорноста и на пристапноста до комплексот, при што сегашната улица Мирче Ацев треба да стане булевар. Гласините дека влезовите на поздезмниот паркинг се спротивни на ДУП не се точни, бидејќи како што е предвидено, ќе има два влеза од улицата Мирче Ацев и од улицата 2, а еден од излезите ќе води и кон улицата 13 Ноември, што не е, како што беше нагласено, спротивно на ДУП.

Архитектот Мартин Пановски се потруди да ги расчисти недоумиците поврзани со овој проект, во време кога тој наиде на жестоки критики во дел од јавноста, а неколку невладини организации веќе покренаа иницијатива за суспензија на Деталниот урбанистички план.

Тој објасни дека посебна пешачка улица ќе го поврзува средиштето на објектот, кој е своевиден хибриден плоштад, со Градскиот трговски центар и со Кејот 13 Ноември. Во врска со најспорното прашање, зазеленувањето на овој простор, Пановски инсистира на фактот дека во предвидените 6.250 квадратни метри зелена површина не е пресметано т.н. вертикално зеленило, односно зелените тераси на станбениот објект за кој имаше реакции дека е плагијат и дека кај нас често се прават вакви слики, но потоа зеленилото во реалчноста го нема.

– Не станува збор за плагијат. Вертикалното зеленило е светски тренд. Ова ќе биде прв таков објект во Скопје. Ние имаме богато искуство со проектирање на зеленило на покривни површини – рече архитектот Пановски, посочувајќи на објектот на Прокредит банка, кој 80 отсто е под зеленило.

Во станбено-деловниот комплекс не е предвидено училишта, но може да се отвори детска градинка во деловниот простор.

Сопствениците на просторот кај „Холидеј ин” ce фирмата „МГ Фешн” и Македонската православна црква преку фирмата „Обновители”.

 

Поврзани содржини