НОВОГОДИШНА ТУРА ВРАБОТУВАЊА НА 250 ТАЗЕ АДМИНИСТРАТИВЦИ Нема криза за партиските послушници
Платите на новите вработени во администрацијата зависат од работното место и се движат од 18.000 до 56.300 денари.
Повеќе од 250 административци ќе бидат вработени во јануари. Огласите за нивното вработување во повеќе институции, јавни претпријатија, агенции и општини веќе се објавени. Платите зависат од работното место и се движат од 18.000 до 56.300 денари.
Веста предизвика остри реакции кај граѓаните, кои се сомневаат дека повторно се планираат партиски вработувања, за кои се трошат само пари, а од прекубројната администрацијата ионака нема корист.
Експертите велат дека секое вработување на стручни лица во администрацијата е добро, ако тие се за институциите каде што фалат такви кадри, но во никој случај не смее да се дозволи да се полни администрацијата со непродуктивни партиски кадри кои ништо не работат, а земаат плата.
Каде ќе се вработат новите чиновници?
Според огласите кои се објавени на сајтот на државната Агенција за администрација најмногу луѓе ќе бидат вработени во Управата за јавни приходи вкупно 100, на работни позиции – инспектори, даночни советници, соработници и асистенти.
Фондот за здравствено осигурување вработува 33 службеници кои ќе работат во повеќето подрачните единици. 17 луѓе ќе се вработат во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците како помлади соработници. Ресорот надворешни работи бара 6 службеници, а труд и социјална политика 9 работници. Огласи за вработување имаат и министерствата за локална самоуправа и за одбрана. Вработува и владата, таа ќе прими 4 лица за работните позиции советници и референти во канцеларијата на премиерот.
Оглас за вработување има и Собранието, кое има потреба од 22 службеника, меѓу кои и еден архитект.
По подолг период вработуваат и инспекторатите. Државниот пазарен инспекторат, кој во последниве месеци има зголемен обем на работа, вработува 13 службеници, а Државниот инспекторат за техничка инспекција 2 службеници. И инспекторатот за животна средина вработува 1 лице.
Нови вработувања има и во агенциите. Агенцијата за цивилно воздухопловство, каде што се дава највисока плата од сите најавени вработувања (56.300 денари) вработува 1 лице. Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот вработува 2 лица. Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделието ќе вработи 6 службеници.
На крајот на годината огласи за вработување објавија и општините. Општина Гази Баба ќе вработи 6, а општина Тетово 19 службеници. И тие ќе ја добијат работата во јануари.
Оглас за вработување на 6 лица, меѓу кои и раководител на финансискиот сектор со плата од 43.000 денари, објави и скопското Јавно сообраќајно претпријатие.
Во УЈП 100 нови службеници, ама 124 се пензионирале
Главно оправдување на институциите е дека вработувањата се испланирани според планот за вработување и сите добиле зелено светло од Министерството за финансии. Во дел од оправдувањата се и пензионирањето на службениците, како што е за огласот на УЈП, каде што се вработуваат 100 лица.
– Јавниот оглас за вработување на 100 службеници во Управата за јавни приходи е објавен врз основа обезбедена финансиска согласност на Министерството за финансии и согласно донесениот Годишен план за вработување за 2022 година, со кој се планирани 100 нови вработувања наспроти 110 пензионирања, иако досега се реализирани вкупно 124 пензионирања. Според ова, потребата за овие нови вработувања е утврдена врз основа на планираниот природен одлив за календарската 2022 година (предизвикан првенствено од измените на Законот за работните односи со кои се укина можноста за продолжување на работниот однос над 64 години возраст со изјава од вработениот), како и согласно останатите показатели за работната сила по години – појаснуваат од УЈП.
Професорот Здравко Савевски смета дека при овие вработувања поддршка треба да добијат оние работни позиции каде што вработувањето е неопходно и се резултат на одливот на кадар поради пензионирање и заминување што во последните години е сè почест, но предупредува дека при вработувањата на нови лица треба да се има предвид квалитетот и стручноста на кадарот наспроти партиските вработувања на неработници.
Награда за партиските послушници
– Перцепцијата за вработувањата во јавниот сектор е дека има превработеност, но во одделни сектори, како што се инспекторатите, се кубури со кадар. Тоа, пак, создава мислење дека тоа се прави намерно, бидејќи со тоа се остава непокриена контролата на спроведувањето на законите и им се дава можност на фирмите да работат противзаконски. Спротивно на ова, во јавната администрација има луѓе кои не работат ништо и има такви кои работат најмалку за плус двајца партијци кои не работат. При новите вработувања треба да се внимава тие да не бидат партијци, туку стручни кадри кои ќе ја извршуваат работата. Ако не се случи тоа, ќе се наруши или целосно ќе се изгуби довербата на граѓаните, не кон владата, бидејќи таа одамна ја изгуби довербата, туку кон државата – вели Савевски.
Бизнисот со години бара стручна, но мала и ефикасна администрација, која нема да прави непотребни застои.
Граѓаните негодуваат дека и овој пат партиите ги наградуваат послушните следбеници за завршените партиски работи.
– Крајот на годината е период кога партиите треба да им се заблагодарат на своите членови и да ги остварат ветувањата дека ќе вработат по некој член од нивните семејства. Така е секоја година, така е и оваа. Администрацијата е единствениот избор каде што може на најбезболен начин да се направи тоа, а дали тие знаат да ја вршат работата? – прашува С. Атанасовски од Скопје.
Стоилковски, ВМРО-ДПМНЕ: Во само еден ден нови 137 административци, а нема пари за студентски оброк и за лек за цистична фиброза
„Во само еден ден расипничката власт објавува оглас за 137 вработувања на буџет, во администрација! Ова е показател за расипнiштвото и целосна забеганост. Во само еден ден нови 137 административци, а нема пари за студентски оброк и не дава за лек за цистична фиброза. Срамно!“
Ова на денешната прес-конференција го кажа Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
– Ова е начинот на којшто се справува со кризите. Ова е примерот за политиката „намалување на обемната администрација“ за што се фалеа. Полнење на администрацијата со партиска војска, во услови на криза во само еден ден 137 државни службеници. За буџетска плата и придонеси. Овие вработувања се дополнителен товар на земјоделците, дополнителен товар на работниците дополнителен товар на сите коишто се во реалниот сектор. Нема пари за студентите, нема пари за земјоделците, нема пати за лекови за пациенти кои протестираат пред здравство, ама има пари за партиската војска на СДСМ и на ДУИ – изјави тој.