НОВО ПОГЛАВЈЕ ВО СОРАБОТКАТА МАКЕДОНИЈА-ГРЦИЈА Муцунски очекува иновациите и ИКТ секторот да станат силен дел од економската агенда со Грција

Министерот за надворешни работи и трговија, осврнувајќи се на потенцијалот на домашниот ИКТ сектор, министерот нагласи дека тој претставува еден од најдобрите примери за тоа што може да постигне државата кога талентот, претприемништвото и меѓународните пазари се обединети.

1

Бизнис форумот на информатичко-комуникациски компании од С Македонија и и од Грција претставува уште еден важен чекор во градењето на ново поглавје на соработка меѓу двете земји, засновано не само на политички дијалог, туку и на економски раст, иновации и заедничка конкурентност, рече во своето обраќање министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски на форумот кој се одржува во Скопје.

– Интегрирањето на надворешната трговија во портфолиото на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија не беше само административна промена. Тоа беше политичка порака. Порака дека нашата дипломатија мора да испорачува повеќе трговија, повеќе инвестиции, поголем пристап до пазари и повеќе конкретни можности за нашите компании – рече Муцунски.

Осврнувајќи се на потенцијалот на домашниот ИКТ сектор, министерот нагласи дека тој претставува еден од најдобрите примери за тоа што може да постигне државата кога талентот, претприемништвото и меѓународните пазари се обединети.

– Нашата земја располага со силен потенцијал во ИКТ секторот. Имаме високо квалификувани професионалци, динамични компании, конкурентни деловни услови и млада генерација која е амбициозна, креативна и глобално поврзана – рече Муцунски.

Тој посочи дека со придонес од речиси 5% во БДП и годишни приходи од приближно 1,65 милијарди евра, ИКТ секторот претставува еден од клучните столбови на македонската економија.

– Но, ние не го гледаме тоа само како економска статистика. Ние го гледаме како национална можност. Можност младите луѓе да останат дома. Можност да привлечеме сериозни инвестиции. Можност да ги поврземе нашите компании со европските и глобалните синџири на вредност. Можност да ја позиционираме Северна Македонија како регионален центар за дигитални услуги и иновации –  нагласи Муцунски.

Воедно, министерот истакна дека следната фаза од економската соработка меѓу Северна Македонија и Грција треба да биде поамбициозна, поиновативна и повеќе насочена кон иднината.

– Енергетиката, инфраструктурата и трговијата ќе останат важни. Но, дигиталната трансформација, ИКТ, иновациите, вештачката интелигенција, сајбер-безбедноста, финтек решенијата и соработката меѓу стартапите треба да станат посилен дел од нашата билатерална економска агенда – истакна тој.

Осврнувајќи се на европската перспектива на државата, Муцунски нагласи дека европската интеграција не е само политички процес, туку и економска трансформација што носи подобри стандарди, посилни институции, попредвидливи правила, поголема конкурентност и поширок пазар за компаниите.

На крајот од своето обраќање, министерот потенцираше дека токму бизнис-заедницата е двигател на економскиот развој.

– Владите можат да ја создадат рамката. Институциите можат да ги отворат вратите. Но компаниите, претприемачите, инженерите, иноваторите и инвеститорите се тие што создаваат вистинска економска вредност – рече Муцунски.

Поврзани содржини