10.000 ЛУЃЕ БЕЗ РАБОТА И 800 ДЕЛОВНИ ОБЈЕКТИ ПРАЗНИ! Предупредување од АСОМ дека новиот закон за игри на среќа носи економски крах
Претседателот на Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ), Васко Илијевски, предупредува дека ќе бидат загрозени меѓу 50.000 и 100.000 луѓе од придружните дејности кои зависат од секторот игри на среќа, како што се агенциите за обезбедување, ИТ секторот и добавувачите на опрема.
Мерката за оддалеченост од 500 метри предвидена во новиот предлог-закон за игри на среќа не е обична просторна регулација, туку директен налог за ставање клуч на врата и затворање на легалната индустрија. Претседателот на Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ), Васко Илијевски, при своето гостување во емисијата „Студио 10“ на ТВ 24, предупреди дека ваквото законско решение ќе предизвика верижен економски удар, банкрот на приредувачите и експлозија на нелегалната црна економија.
Според Илијевски, физичката дислокација во урбаните средини е апсолутно невозможна, а дополнителните огромни финансиски давачки во законот свесно ја туркаат индустријата кон уништување.
– Повеќе од 10.000 директно вработени луѓе преку ноќ ќе останат без својата егзистенција, што значи дека заедно со нивните семејства, преку 35.000 луѓе стануваат идни можни кандидати за иселување од нашата држава. Дополнително, ќе бидат загрозени меѓу 50.000 и 100.000 луѓе од придружните дејности кои зависат од овој сектор, како агенциите за обезбедување, ИТ секторот и добавувачите на опрема – истакна Илијевски.
Ударот ќе го почувствуваат и други дејности, но и самиот државен буџет. Околу 350 милиони евра на годишно ниво се прибираат во буџетот од целокупното работење на легалните игри на среќа.
– Со затворањето, тие пари нема да исчезнат, туку директно ќе се трансферираат на црниот пазар, а државата нема да има никаков приход. Истовремено, ќе се случи огромен крах на пазарот на недвижности, бидејќи повеќе од 800 објекти кои сега се под закуп ќе останат празни – потенцира Илијевски.
Претседателот на АСОМ посочи дека легалните приредувачи се првата бариера која апсолутно го почитува законот, врши контрола на лични карти и не дозволува пристап на малолетници.
– Кога државата ќе ја забрани таа бариера, го остава просторот чист за нелегалниот пазар кој работи само за профит и не знае за лични карти и заштита на децата – смета Илијевски.
Илијевски потсети на албанското сценарио од 2018 година, кога по затворањето на игрите на среќа се случи огромен подем на криминалот, па по четири години државата мораше да го врати законот назад, иако до ден денес се соочува со полициски акции во диви коцкарници каде се запленува оружје и дрога.
Бидејќи предлог-законот е закажан за прво читање во Собранието на 10 јуни, АСОМ испраќа јасна порака до пратениците и бара итно повлекување на законот и отворање дијалог со засегнатите страни. Доколку законот помине во прво читање, Асоцијацијата најави дека ќе ги искористи сите механизми да го одбрани легалниот сектор, вклучително и масовни протести со илјадници вработени, за да се спречи овој упад кој значи монополизација и штитење на лични интереси.
Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија никогаш не била против системска и одржлива регулација на пазарот, но реагира на фактот дека институциите упорно ги носат законите зад затворени врати, целосно исклучувајќи ги легитимните претставници на индустријата.
Во обид да се дојде до функционално законско решение кое навистина ќе ги заштити граѓаните, а нема да значи уништување на легалниот сектор, АСОМ во континуитет нуди конструктивен предлог базиран на три основни столба.
– Првиот столб од предлогот на АСОМ се однесува на дополнително заострување на казнената политика. Иако легалните приредувачи доследно ги почитуваат протоколите и спроведуваат строги контроли за забрана за влез на малолетници, Асоцијацијата предлага воведување на уште повисоки и поригорозни финансиски казни за сите приредувачи кои евентуално нема да го почитуваат овој дел од законот. Во легалните објекти правилата мора да важат за сите без исклучок. Вториот клучен столб е целосната либерализација и отворање на пазарот за онлајн приредување игри на среќа за веќе лиценцираните легални компании – појасни Илијевски.
Според него, ова е единствениот начин да се создаде природен баланс на пазарот според европски терк, каде што домашните компании ќе ги развиваат своите платформи со највисоки стандарди за заштита на играчите. Наместо тоа, новиот предлог-закон предвидува воспоставување на државен монопол, со што целосно се исклучуваат приватните приредувачи.
– Третиот столб предвидува сериозни инвестиции во превенцијата преку организирање масовни национални едукативни кампањи. АСОМ веќе инвестира сопствени ресурси во кампањи за одговорно играње и континуирана едукација на вработените – вели Илијевски.
Асоцијацијата смета дека е неопходно во овој процес активно да се вклучат Владата и специјализираните државни институции. Целта на овие заеднички кампањи е да се едуцира јавноста дека игрите на среќа се исклучиво форма на забава со мали влогови, а не начин за остварување профит преку компулсивно играње, потенцира Илијевски.