Нови податоци за ефикасноста на „АстраЗенека“ и „Фајзер“, извонредни резултати по првата доза!
Студијата е спроведена на повеќе од 3,5 милиони луѓе во Јужна Кореја, на возраст од 60 години, вклучувајќи 521.133 лица кои ја примиле првата доза од една од двете вакцини.
Корејската агенција за контрола и превенција на болести (КДЦА) ги објави резултатите од студијата во која се наведува дека единечна доза од вакцините на „АстраЗенека“ и „Фајзер“ е 87% ефикасна во спречување на инфекција кај луѓе на возраст од 60 и повеќе години.
Податоците на „KДЦА“ покажуваат дека вакцината на „Фајзер“ била ефикасна 89,7 проценти во спречување на инфекцијата, најмалку две недели по првата доза, додека вакцината на „АстраЗенека“ била ефикасна 86 проценти.
Студијата е спроведена на повеќе од 3,5 милиони луѓе во Јужна Кореја, на возраст од 60 години, вклучувајќи 521.133 лица кои ја примиле првата доза од една од двете вакцини. Наведеното испитување траеше два месеци.
Во податоците се регистрирани 1.237 случаи на коронавирусна инфекција, а само 29 се од вакцинираната група.
– Се покажа дека и двете вакцини обезбедуваат висока заштита од болеста по првата доза. Луѓето треба да се вакцинираат според распоредот, бидејќи стапката на заштита ќе биде поголема по приемот на втората доза – наведоа од „КДЦА“.
Податоците доаѓаат од напорите на Јужна Кореја да го зајакне процесот на вакцинирање откако извештаите за потенцијални здравствени и безбедносни проблеми одвратија одредени лица од имунизацијата.
– Околу 95 проценти од луѓето кои починаа во Јужна Кореја беа државјани постари од 60 години. Вакцините ќе го намалат ризикот за овие луѓе, а можноста од несакани ефекти како што е згрутчувањето на крвта е исклучително мала и тие можат главно да се лекуваат медицински – истакна јужнокорејскиот министер за здравство Џон Тае-ху.
Јужна Кореја досега вакцинираше 6,7 проценти од 52 милиони жители, но постави амбициозна цел да имунизира 70 проценти од нејзиното население до септември и да постигне колективен имунитет до ноември.
„КДЦА“ пријави 676 нови случаи на полноќ во вторникот, со што вкупниот број на заболени во Јужна Кореја достигна 124.945 и 1.847 смртни случаи, пренесува „Ројтерс“.