Нова перспектива: Зошто ИТ експерт на чело на здравството?

Изборот на министер без медицински бекап секако не е „сребрен куршум“ и единствениот лек за болното здравство, но претставува важна порака: подготвеност за пресврт. Затоа не треба автоматски да се дисквалификува. Поставувањето на Азир Алиу за министер за здравство е легитимен чекор во насока на прекинување на досегашниот круг на неуспешни практики. Тоа не е магично решение, но претставува потенцијална точка на пресврт.

729

На 9 јуни 2025 година, Собранието го именуваше Азир Алиу за министер за здравство. Професор по информатички технологии и поранешен министер за информатичко општество и администрација, Алиу е личност со релевантна експертиза во дигитални системи и процеси. Именувањето беше проследено со жестоки критики од опозицијата, фокусирани на неговата формална неповрзаност со медицината, додека премиерот го нагласи неговото искуство во системско управување и дигитална трансформација – домени што се од суштинско значење за унапредување на здравствениот сектор. Изборот може да се оцени како нетипичен, но дали токму ваквата неконвенционалност претставува одговор на длабоките системски предизвици?

Историски контекст и локални искуства






Анализата на досегашната практика покажува покажува дека здравствениот сектор во Македонија го водеше медицинската академска фела. Од вкупно 18 министри за здравство од осамостојувањето, дури 17 се со медицинска наобразба. Единствен исклучок претставува правникот Никола Тодоров, чие министерување некако заврши во знакот на аферата „Тамара“, но чесно е да се каже  дека во тој период беа иницирани повеќе крупни промени: воведување на системот „МојТермин“, паралелен увоз на лекови, како и концептот на наградување според учинок. Иако некои од овие мерки имаа ограничен животен век, платформата „МојТермин“ остана темел на дигиталното функционирање на системот до денешен ден, кој и допрва може да носи дополнителни бенефити со адекватна надградба.

Спротивно на тоа, повеќето мандати водени од медицински професионалци (чест повторно на исклучоците) не беа одбележани со суштински системски поместувања. Проблемите со одлив на кадар, ограничен пристап до иновативни терапии, ниски показатели за квалитет и хронично тромав систем останаа константа. Пандемијата од Ковид-19 ја оголи дополнително системската неподготвеност заедно со афери како онаа за набавка на вакцините, кулминирајќи со една од највисоките стапки на смртност во светот – сите состојби погоре беа директна последица на човечкиот фактор скриен во лавиринтите на аналогното здравство, овозможени со задоцнета дигитализација и отсуство на воља за суштинска реформи.

Меѓународни споредбени искуства

Прегледот на искуствата во европските земји со високоразвиени здравствени системи покажува поинаков модел. Во Обединетото Кралство, на пример, ниту еден од министрите за здравство во последните 50 години не бил со медицинска наобразба. Мат Ханкок, именуван пред пандемијата, беше најблиску до медицината – со искуство во е-здравство и телемедицински системи. Слично е и во Холандија, Шведска и Германија – каде што само во два наврати на министерската позиција биле лекари, и тоа со дополнителни квалификации за системско управување и администрација.

Регионалните искуства се слични: во Словенија, од 19 министри само осуммина се доктори; во Србија петмина од дванаесет; во Грција – повторно само двајца во последните 50 години. Овие податоци укажуваат на тоа дека медицинското образование не е предуслов за успешно водење на здравствена политика, туку дека одлучувачка улога имаат системската визија и управувачкиот капацитет. Ова исто така укажува на нашата долгогодишна заблуда, ригидност  и збунувачки отпор кон доктрината на развиениот свет.  Некој ќе каже дека секое поднебје има своја специфика и адаптација, но во случајот на нашето здравствено лидерство експериментот трае предолги триесет и кусур години – и резултатите не се охрабрувачки.

Вкрстување на медицинските специјалности со системското лидерство

Понатамошна анализа сугерира дека не сите медицински специјалности се еднакво соодветни за реформско лидерство. Професиите со популациска ориентација, кои ја согледуваат здравствената грижа низ системски и долгорочен објектив – како што се епидемиологијата, јавното здравство, интерната медицина, педијатријата и медицинската информатика – покажуваат поголема склоност кон системско размислување и дигитална адаптација.

Од друга страна, специјалностите со висок степен на техничка изолираност, како што е хирургијата, имаат ограничена изложеност на стратегиски, организациски и популациски процеси. Во овој контекст, вреди да се спомене како своевиден куриозитет дека речиси 45% од постоењето на македонскиот здравствен систем е воден  токму од хирурзи – факт што отвора прашања за критериумите при избор на кадар и за долгорочните ефекти од тие избори.

Промената како услов за преживување на системот

Современото здравство претставува комплексен социотехнички систем. Напредокот се базира на функционална архитектура, електронски досиеја, дигитална транспарентност, ефикасна анализа и мониторинг. Овие елементи бараат лидерство што ги разбира процесите, интеграцијата на податоци, изградбата на платформи и рационализацијата на ресурсите. Тоа значи дека лидерот не мора да биде клинички експерт, туку стратешки архитект со дигитален, системски и управувачки капацитет. Биографијата на министерот Алиу укажува на таков профил.

Изборот на министер без медицински бекап секако не е „сребрен куршум“ и единствениот лек за болното здравство, но претставува важна порака: подготвеност за пресврт. Затоа не треба автоматски да се дисквалификува.

Опозицијата, напротив, покажа ограниченост во разбирањето на суштината.  Поранешната министерка за труд и социјална политика, Јована Тренчевска, упати бледа и неинформирана критика од собраниската говорница без посериозна анализа, притоа заборавајќи на уделот на сегашната опозиција во рецептот за здравствената чорба. Алузии за иден неупсех и префрлање на вина, се излишен коментар доколу не располагате со конкретен критечен придонес за темата од кој опзицијата се чини е далеку во моментов. Ваквиот чист партиски наратив не го адресира суштинскиот предизвик – потребата од реорганизација на здравствениот систем, базирана на доказите и научените лекции.

Во насока на трансформација: дигитализација, отчетност и пристапност

Целта на оваа анализа сепак не е да се анализира опозицискиот политичкиот дискурс, туку да се афирмира неопходноста од нов начин на размислување. Време е да се надмине митот дека медицинското образование е предуслов за легитимитет. Здравството повеќе не е затворена клиничка арена, туку е еволуирачки екосистем кој бара интероперабилност, дигитална зрелост и мерење на резултати.

Поставувањето на дигитален експерт на чело на овој сектор е не само нов пристап, туку и резултат на учење од сопствените недоследности – признавање дека ни недостигаа алатки, структури и дисциплина во менаџирањето. Истовремено, тоа е копија од добрите практики во Европа, каде знаењето и визијата се вреднуваат повеќе од титулите и формалната припадност. Тоа воедно е и потврда дека политичката волја ја препознава вредноста на интегрираниот пристап – она што недостигаше во минатото.

Транспарентноста како императив

На крајот, основен предуслов за успех е целосна транспарентност. Без јавно достапни индикатори, без увид во распределбата на средствата, без анализи на здравствените исходи – системот останува во темнина. Видливоста на податоците е предуслов за отчетност, ефективност и доверба. Наместо отпор – потребна ни е отвореност. Наместо фатализам – мерливост. Тие не само што ја овозможува проценката на политиките, туку и го овластува граѓанинот како краен корисник и судија на системските интервенции.

Поставувањето на Азир Алиу за министер за здравство е легитимен чекор во насока на прекинување на досегашниот круг на неуспешни практики. Тоа не е магично решение, но претставува потенцијална точка на пресврт. Доколку тој ја демонстрира потребната визија, капацитет и транспарентност, тогаш можеме да се надеваме дека не само што ќе се подобри здравствениот систем – туку и начинот на кој општеството размислува за неговото управување.

 

Поврзани содржини