НОВА ПАРТИЈА НА МАКЕДОНСКАТА ПОЛИТИЧКА СЦЕНА Српската демократска лига на Саша Богдановиќ ќе го одржи првиот конгрес
На првиот конгрес Српската демократска лига треба формално да ги претстави своите партиски структури и политичкото делување.
Поранешниот градоначалник на Центар од редовите на СДСМ, Саша Богдановиќ, се враќа на политичката сцена со нова партија, Српска демократска лига, која вечерва ќе го одржи првиот конгрес.
Првиот изборен конгрес ќе се одржи во Малата сала на Филхармонијата во Скопје, со почеток во 18 часот.
Според најавата за настанот, во свечениот дел пред присутните ќе се обрати претседателот на Српската демократска лига, Саша Богдановиќ, а предвидени се и поздравни обраќања на гости и партнери на партијата.
Богдановиќ е поранешен градоначалник на општина Центар и поранешен функционер на СДСМ. На локалните избори во 2017 година беше избран за градоначалник како кандидат на СДСМ, а претходно беше претседател на општинската организација на партијата во Центар и директор на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“.
Во март годинава Богдановиќ јавно најави дека ќе ја формира партијата Српска демократска лига, на која тој ќе биде претседател. Тогаш изјави дека името на партијата се поврзува со политичкото организирање на Србите на овие простори од почетокот на минатиот век.
Во интервју во март Богдановиќ порача дека новата партија нема да се обраќа исклучиво до припадниците на српската заедница, туку ќе бара поддршка од граѓаните од сите етнички заедници.
На првиот конгрес Српската демократска лига треба формално да ги претстави своите партиски структури и политичкото делување.