НОВА ЛАБОРАТОРИЈА ЗА ОРГАНСКА ХЕМИЈА НА ТЕХНОЛОШКО-МЕТАЛУРШКИОТ ФАКУЛТЕТ Ќе ја користат, студентите, средношколците и истражувачите
Оваа лабораторија ќе може да се користи и за оние кои не се во академската заедница, но сакаат да ги подобрат своите перформанси на пазарот на трудот или во компаниите, вели министерката за образование и наука, Весна Јаневска.
На Технолошко-металуршкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје денеска беше отворена новата Лабораторија за органска хемија.
Инвестицијата за едукативно-научната лабораторија е во вредност од 2 милиони денари и е обезбедена со поддршка од УКИМ, Министерството за образование и наука и со сопствени средства на факултетот.
Лабораторијата има современа опрема и ќе овозможи унапредување на наставно-научната работа и создавање подобри услови за едукација и за истражување во областа на органските технологии.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека лабораторијата е од исклучителна важност, особено затоа што ваков тип истражувачка инфраструктура е потребна за СТЕМ-науките (Science, Technology, Engineering, Mathematics). Ќе може да ја користат професори во високото образование, научни истражувачи, студенти, но и средношколци.
– Бидејќи со законот за високо образование предвидуваме дополнително универзитети за применети науки, оваа лабораторија ќе може да се користи и за оние кои не се во академската заедница, но сакаат да ги подобрат своите перформанси на пазарот на трудот или во компаниите. Уште една додадена вредност е што лабораторијата ќе може да ја користат и ученици, во согласност со законот за средно образование – изјави Јаневска.
Нагласи дека ова е дел од големиот број инвестиции на МОН во науката и во високото образование, во соработка со универзитетоте и очекува тоа да го подигне квалитетот во виското образование, науката и на стопанството.
Деканот на Техношко-металуршкиот факултет на УКИМ, Игор Јорданов, изјави дека во реновираната лабораторија за органска хемија нивните студенти ќе имаат можност да се едуцираат и да истражуват на современ начин.
– Сакаме да покажаме дека факултетот има модерни лаборатории кои може да ги користи и наставниот и научниот кадар. Покрај за научни и едукативни цели, неменета и за средношколци, за практична работа по хемија, билогија и физика – рече Јорданов.
Ректорката на УКИМ, Биљана Ангелова, истакна дека возобновувањето на лабораторијата е уште еден исчекор во инвестирањето во истражувачка инфраструктура и во залагањето науката да биде ставена во функција на наставата.
– Нема квалитетно високо образование без квалитетна наука, без инкорпорирање на најсовремените научни резултати во наставата. Се надеваме дека студентите ќе ја користат максимално лабораторијата под менторство на нивните професори – рече Ангелова.
Додаде дека органската хемија има широка примена – во фармацевтската и во прехранбената индустрија, во современите материјали и во енергетиката.
