Новa кредитна линија за компаниите во вкупен износ од 31 милиони евра
Владата за кредитната линија „Ковид 3“ донесе одлука на вчерашната седница.
Владата преку Развојната банка, обезбеди нова бескаматна кредитна линија со грант компонента „Ковид3“ наменета за микро и малите домашни компании погодени од ковид кризата. Одлуката ја донесе Владата на синоќешната седница, а Министерството за финансии за таа цел ќе потпише договор за администрирање на средствата со Развојна банка.
Третата бескаматна кредитна линија ќе биде во вкупен износ од 31 милиони евра, од кои 60.000.000 денари односно 1 милион евра се буџетски средства од програмата П1 на Министерството за економија, додека 30 милиони евра се од Европската унија.
„Министерството за економија треба да донесе предлог-одлука за префрлање на средствата од програма П1 во вкупен износ од 60.000.000 денари на посебна сметка на Развојната банка, како буџетски придонес во реализација на мерката, по што банката треба да ги преземе сите активности за операционализација и воспоставување на третата бескаматна кредитна линија за поддршка на микро и мали претпријатија“, се вели во владиното сопштение.
Владата го задолжи Министерството за финансии, во соработка со Секретаријатот за европски прашања, да ја известат Делегацијата на ЕУ во земјата дека мерката е усвоена од Владата и дека Министерството за финансии, Министерството за економија и Развојна банка да преземаат активности за операционализација на истата.
Финансиските средства за оваа бескаматна кредитна линија со грант компонента се повлечени од 50-те милиони евра, награда за успешност во целокупниот напредок во процесот на Европска интеграција на земјава.