НОВА КАТАСТРОФА МУ СЕ ЗАКАНУВА НА ЕВРОПСКИ ОСТРОВ По ерупцијата на вулканот, сега и ова
Контактот на лавата, која се влева во морето, ќе создаде токсичен облак кога ќе дојде во допир со солената вода, односно може да предизвика експлозија.
Експертите и службениците на Канарските острови, каде што еруптираше вулканот, се загрижени за опасноста дека контактот на лавата, која се влева во морето, ќе создаде токсичен облак кога ќе дојде во допир со водата.
Контактот на лава и солена вода може да предизвика експлозија и емисија на токсични гасови, пишува шпански „Паис“ и додава дека затоа службата за цивилна заштита и Поморската капетанија го зголемиле опсегот на забраната за пловидба за две наутички милји, како и мерењето на воздухот. Исто така, воведени се дополнителни ограничувања за пристап до областа.
Техничкиот директор на Службата за вонредни вулкански состојби на Канарските Острови, Мигел Санчел Моркенде, рече дека активноста на вулканот се забавува и затоа масата на лава е помала.
– Лавата сѐ уште е на половина пат до морето. Засега не е познато кога ќе стигне до океанот, па дури и да стигне, ќе биде под нивото на планината Тодоке – рече тој.
Научниците велат дека кога лава со температура од околу 1.000 степени ќе стигне до морето, експлодира водена пареа, што генерира густ бел облак кој содржи хлор, што може да ги иритира кожата, очите и респираторниот тракт.
Покрај тоа, протокот на лава во океанот може да предизвика колапс на брегот и карпите, бранови врела вода и токсична пареа од хлороводородна киселина и мали честички од вулкански кристали.
Научниците, исто така, предупредуваат дека најзагрозени се неподвижните организми кои живеат на дното на морето и кои можат целосно да се уништат, но тие наведуваат, врз основа на примерот на вулканска ерупција од 2011 година, дека можат целосно да се обноват за три години.
Исто така, се верува дека вулканската ерупција може да трае со недели, па дури и со месеци.
Поради ерупцијата на вулкан на еден од Канарските Острови, Ла Палма, кој досега уништи 100 куќи, училишта, патишта, лозја, евакуирани се околу 6.000 граѓани, а се претпоставува дека тој број ќе се зголеми на 10.000, пишува „Вангардија“.
Вулканот на шпанскиот остров Ла Палма во Атлантскиот Океан еруптираше во неделата по седум дена зголемена сеизмичка активност.
Тој исфрла столбови од чад високи стотици метри и помеѓу 8.000 и 10.500 тони сулфур диоксид дневно, но сепак воздушниот простор не е затворен.
Компанијата „Аена“, која управува со шпанските аеродроми, вчера објави дека се реализирани сите летови на аеродромот Ла Палма и дека за денеска се планирани уште 48 летови.
Ова е прва ерупција на вулканот Кумбре Виеја на овој остров со 85.000 жители од 1971 година. Иако во ерупцијата нема жртви, таа предизвика голема штета, протокот на лава ја запали вегетацијата, ги покри патиштата и уништи стотици куќи.