НОВ РАДИОТЕРАПЕВТСКИ ТРЕТМАН НАСКОРО ВО „АЏИБАДЕМ СИСТИНА“ Волуметриски модулирана арк терапија со новиот линеарен акцелератор TrueBeam
За време на третманот со VMAT, пациентот е поставен во лежечка положба, додека линеарниот акцелератор ротира околу неговото тело и во текот на таа ротација ја испорачува планираната доза максимално приспособена на формата и големината на целниот волумен.
Клиничката болница „Аџибадем Систина“ наскоро ќе започне со примена на една од најсовремените техники за радиотерапија – волуметриски модулирана арк терапија (VMAT) со новиот линеарен акцелератор TrueBeam. Со тоа, Болницата и стручниот тим на Одделот за радиотерапија ќе им овозможат на онколошките пациенти радиотерапија според светски стандарди.
Проф. д-р Дева Петрова, специјалист по онкологија и радиотерапија, вели дека радиотерапијата е значаен сегмент во третманот на пациентите со малигни болести. Напредокот во оваа гранка на медицината има големо влијание врз успехот во лекувањето на онколошките пациенти, па оттука и потребата сите новини во радиотерапијата да станат достапни и за нивните пациенти.
– VMAT претставува напредна техника на зрачен третман, со подобрени перформанси во однос на стандардните третмани како што е ИМРТ-техниката. VMAT овозможува индивидуализиран пристап и исклучителна прецизност во спроведувањето на зрачниот третман. Клучна улога има планирањето на третманот, при што онколошкиот тим користи напредни дијагностички техники како: КТ, МРИ или ПЕТ-скен за одредување на целниот волумен и органите во ризик – објаснува д-р Петрова.
За време на третманот со VMAT, пациентот е поставен во лежечка положба, додека линеарниот акцелератор ротира околу неговото тело и во текот на таа ротација ја испорачува планираната доза максимално приспособена на формата и големината на целниот волумен.
– Основната придобивка од овој третман е тоа што третманот е побрз во однос на стандардните третмани, со што се скратува времетраењето на третманот и се подобрува комфорот на пациентот во тек на третманот. Пократкото времетраење на апликацијата на радиотерапијата ја намалува веројатноста пациентот да се помести за време на третманот, што директно придонесува за повисока прецизност. Вградената тридимензионална CT-технологија овозможува визуализација на точната положба на туморот во текот на секоја сесија во реално време, што дополнително ги зголемува прецизноста и ефикасноста на третманот. Максималната заштита на здравите ткива во околината на туморот овозможува помалку изразени несакани ефекти од терапијата – објаснува д-р Петрова.

VMAT-терапијата се користи за лекување на различни видови малигни тумори, особено кога се потребни висока прецизност и заштита на околните ткива. Најчесто се применува кај пациенти со карцином на простата, малигни тумори на глава и врат, како и на бели дробови. Дополнително, оваа напредна радиотерапија се користи и при третман на карцином на дебело црево, тумори на мозокот, карцином на дојка и на грлото на матката, како и во третманот на карцином на хранопровод.
Акцелераторот ТruеВeam е револуционерен апарат за радиотерапија, кој дава можност за користење современи техники на зрачење како: VMAT, SBRT, SRS. Една од поголемите предности на овој апарат е можноста за користење на радиохирургија – SRS, која во одредени случаи ја заменува хирургијата кај малигни и некои бенигни заболувања. Со овие техники на зрaчење, дозата е максимално насочена кон туморот и овозможува минимално засегање на здравите ткива и органи, со што се намалуваат несаканите ефекти од терапијата.