Парламентарното мнозинство е стабилно, порача денеска од Штип генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски, откако вчера претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски побара предвремени парламентарни избори.
– Овде во Штип и ВМРО ДПМНЕ имаа можност, прилика да учествуваат на избори пред само два месеци и нема крај на ретроградните и на политиките на затвореност, на политиките на омраза, на политиките со кои сакаат да ја вратат државата назад. ВМРО ДПМНЕ пред се треба да се реорганизира, трансформира, модернизира, за да има позитивен пристап кај граѓаните, за да има коалициски капацитети и за да граѓаните препознаат нешто во нив. Засега ниту нудат луѓе, ниту нудат програма, ниту нудат проекти и се партија заглавени во криминалот, во обвиненијата и сакат да ја кочат земјата. Граѓаните јасно ја пратија порака, парламентарното мнозинство е стабилно – рече Николовски.
Тој на првите луѓе на најголемата опозициска партија им порача да ја реформираат, а чесните луѓе и во неа да имаат можност да дојдат до највиските позиции.