НИКОЈ НЕ СЕ ГРИЖИ ЗА ЕМБАРГОТО ОД ЛУКАШЕНКО Прекинат е македонскиот извоз во Белорусија во вредност од 4 милиони евра

Вкупната размена помеѓу двете држави според Државниот завод за статистика изнесува 6.300.000 евра.

1,372

Ембаргото за увоз на одредени производи што од 1 јануари го воведе Белорусија кон повеќе земји меѓу кои и кон Македонија, ќе има одредени негативни последици за извозниците од земјава. Моментално нема реакција за ембаргото кај нас, но зависно од должината на неговото траење може да го загрози и така малиот извоз на овошје и зеленчук во оваа земја. Владата која се приклучи кон санкциите на ЕУ за Белорусија засега не коментира какви ќе бидат последиците по извозниците, само презентира податок дека е мал процентот на трговската размената со оваа земја. Моментално нема реакции и од компании извозници во Белорусија до коморите.

Вкупната размена помеѓу двете држави според Државниот завод за статистика изнесува 6.300.000 евра. Извозот на земјава во Белорусија лани заклучно со ноември тежел 3.974.695 евра и е остварен од извоз на овошје, зеленчук, тутун, електрични релеи, акумулатори, како и на отпадоци од бакар.






Најголем придонес од извозот во Белорусија имаат токму извозниците на отпадоци од бакар. Тие лани за 11 месеци оствариле извоз во вредност од 1,037 милиони евра. Следи извозот на акумулатори со вредност од 1,23 милиони евра, а остатокот отпаѓа на извоз на храна и тутун.

Во Белорусија лани е извезено овошје и зеленчук во вредност од 1.477.151 евро. Според податоците од Стопанската комора извозот на овошје од земјава во Белорусија за 11 месеци лани изнесувал 1.098.471 евра, додека извозот на зеленчук околу 378.680 евра.

Најизвезувано овошја во Белорусија биле кајсиите, праските и сливите во вредност од 542.578 евра и свежото грозје во вредност од 555.893 евра. Од зеленчукот најмногу се извезувал компир во вредност од 378.680 евра и мала количина зелка во вредност од околу 30.000 евра. Извозот на тутун во оваа земја е во вредност од 89.897 евра.

Значењето на белорускиот пазар е поврзано и со извозот на производи од земјава во Русија, но засега нема коментар од институциите дали ќе има последици и врз овој пазар.

Од владата не коментираат какви се последиците од ембаргото на Белорусија. Само посочуваат дека учеството на извозот на компании од земјава во Белорусија во вкупниот извоз е 0,06 отсто, додека пак увозот од Белорусија во земјава учествува со 0,02 отсто во вкупниот увоз.

– Доколку се донесат дополнителни одлуки, јавноста ќе биде навремено известена – е коментарот од владата на прашањето дали ќе има реципрочни мерки.

Од Стопанската комора велат дека до нив нема реакција од компании во однос на ембаргото од Белорусија.

– Извозот на овошје и зеленчук од земјава во Белорусија главно се одвива преку откупувачите, не преку компании и затоа нема реакција од компаниите на белоруското ембарго. Дополнително мал е извозот на компаниите во оваа земја – велат од стопанската комора.

Но, и откупувачите на земјоделски производи кои извезуваат овошје и зеленчук, засега не коментираат ништо за ембаргото од Белорусија.

Владата на Белорусија од 1 јануари воведе шестмесечна забрана за увоз на избрани прехранбени производи од ЕУ, Обединетото Кралство, САД и неколку други земји, меѓу кои и земјава. Овие земји се приклучија на санкциите на ЕУ кон Белорусија. поради конфликтот на границата со Полска.

Белорусија од овие земји за 1о месеци лани увезла храна во износ од над 530 милиони долари, соопшти белорускиот Совет на министри.

Листата за забрана на увоз вклучува прехранбени производи особено свинско месо, говедско месо, сушено или чадено месо, колбаси, зеленчук, овошје, јаткасти плодови, кондиторски производи, сол итн.


Овошјето и јаткастите плодови ќе бидат убедливо најмногу погодени, бидејќи увозот на Белорусија од оваа категорија изнесувал 225 милиони долари во 2020 година од истите земји

Посебно ќе бидат погоден извозот на јаболката и крушите кои влегуваат во Белорусија преку Полска. Многу од овие јаболка и круши го наоѓаат патот до Русија, токму преку Белорусија.

Поврзани содржини